Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Сашо Василсвски и Крсто Мукоски излегуваат од Шутка. Во домашен притвор одат и Митко Пешо, Душан Лазаро, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мумир Пепиќ, одлучи Врховниот суд, по жалбите поднесени од осомничените.
„Врховниот суд на Република Македонија донесе одлука по предметот Вкж1.бр.6/2018, во врска со настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.
За сите осомничени се укинуваат точките 2 и 3 од член 165 од Законот за кривична постапка, како основ за продолжување на мерката притвор и куќен притвор.
За осомничените К.М., С.В., М.Ч., М.П., Д.Л., Г.Ѓ., О.П. и М.П. мерката притвор се заменува со мерка куќен притвор.
Осомничемите З.С., Г.А., И.С., В.Т. и В.М. остануваат во притвор.
За осомничените Љ.Д., Ј.Т., Е.Д.Б. и И.Д. за кои била определена мерка куќен притвор, истата се укинува и се определуваат мерки на претпазливост да се јавуваат еднаш неделно во основниот суд на чија територија имаат живеалиште.
За осомничените С.М., М.М. и С.М. мерката куќен притвор останува“, соопшти Врховен суд.
Тоа значи дека од домашен притвор излегуваат Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Игор Дурловски и Елена Божиновска – Доцевска.