Брнабиќ: Политички нонсенс е Косово да учествува на самитот во Софија како држава
Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска порача дека учеството на Косово на европскиот самит за Западен Балкан во Софија „како држава е политички нонсенс“, како и дека во зависност од постапките на Приштина околу формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), Белград ќе одлучи дали ќе учествува на собирот.
– Во зависност од тоа ќе решиме околу самитот во Софија на 17 мај. Бугарија е наш голем партнер, а ЕУ е наша стратешка цел. Сакаме добра комуникација и во интерес на државата е да бидеме на тој самит – изјави Брнабиќ на прес-конференција во Белград.
Според неа, Косово не може да биде присутно на самитот „како држава, бидејќи тоа не е можно ниту теоретски“.
– Европската комисија е статусно неутрална, а Косово не е држава, туку покраина во рамките на Република Србија. Така мислат и пет силни и важни држави членки на ЕУ – нагласи Брнабиќ.
Во врска со формирањето на ЗСО во Косово, српската премиерка изјави дека доколу Приштина не ги испочитува своите обврски, тогаш Белград ќе им даде целосна поддршка на косовските Срби да ја формираат Заедницата во текот на април.
– Би било неодговорно да кажам кои мерки ќе ги преземе Србија околу прашањето за Косово, бидејќи одредени работи се доверливи и во фаза на договор. Основна работа е таа што поради Приштина и нејзините партнери е се потешко да се зачува стабилноста, бидејќи тие не ја тераат доволно да ги почитува потишаните договори. Ние ќе инсистираме посилно отколку порано, на целосна имплементација на Бриселскиот договор и на формирањето на ЗСО, но не онака како што замислува Приштина, туку така како што е договорено и потпишано – изјави Брнабиќ.
Таа се осврна и на најавите за реконструкција на нејзината Влада, при тоа изјавувајќи дека Белград „во моментот има апсолутно побитни теми поради состојбата со Косово и сега на Србија и е потребно единство“.
На формирањето на Заедницата на српски општини денеска се осврна и шефот на српската дипломатијатИвица Дачиќ, кој за ТВ Пинк изјави дека Србија ќе чека до 20 април да види дали Приштина ќе ги исполни обврските од Бриселскиот договор за ЗСО.
– Доколку не ги исполни, тогаш должност на Србија е да одлучи што понатаму – изјави Дачиќ, повикувајќи ја притоа меѓународната заедница „да се изјасни дали ја сака Србија како партнер или како заложник на лошите односи“.
Тој нагласи дека Србија нема никогаш да го признае Косово, додавајќи и дека Шпанија, Романија и Кипар „се блиску до одлука“ да не присуствуваат на главната дискусија на самитот на ЕУ во Софија,
– Тоа за нас е голема поддршка, за од ЕУ да неможат да бараат да го признаеме Косово – изјави Дачиќ.