Борис Џонсон: Знаеме како Русија го украде Крим и како да делуваме натаму

Правејќи го тоа, Русија прекрши толку меѓународни спогодби, што е дури тешко тие да се пребројат.

1426

Ноќта, на 22 февруари 2014 година највлијателните претставници на руската владеачка врхушка се собраа на средба во Кремљ. Токму таму тие се договорија да го заземат украинсклиот Крим.

Тие веќе подоцна ќе работат напорно на тоа да ѝ дадат на оваа одлука привид на легитимност, меѓу другото инсценирајќи одржување лажен референдум, сепак токму таа ноќна средба меѓу претседателот Владимир Путин и неговите безбедносни сили имаше за цел конечно да ја реши судбината на жителите на Крим.

Ние тоа го знаеме, зашто Путин сам раскажа за тоа.

Во документарецот за руската телевизија, кој излезе во етер во 2015 година, самиот претседател ја опиша последовноста на настаните.

Тој реши да го одземе Крим за време на тоа тајно советување во Кремљ три недели пред лажниот референдум. А сите понатамошни изјави, како што вели тој, дека се стремел да го заштити народот од регионот или да го исполни барањето на тамошното население, беа, врз основа на личното признание на Путин, апсолутно лажни.

Токму така Русија зазеде 27 илјади квадратни километри од украинската земја и го прекрши главниот принцип на меѓународното право, кој вели дека државите не можат со сила да ја зголемат својата територија или да ги менуваат границите.

Путин формално го анексираше Крим во Руската Федерација на 18 март 2014 година. По четири години ние треба да си го спомнеме ужасот на овој чин и да ја удвоиме нашата решеност да ги заштитиме нашите вредности и да го поддржиме меѓународното право.

Немаше такво нешто од 1945 година.

Заземањето на територијата на Крим од Русија стана прв случај на насилна анексија во Европа и прв обид со сила да се прекројат европските граници од тоа време.

Правејќи го тоа, Русија прекрши толку меѓународни спогодби, што е дури тешко тие да се пребројат. Еве неколку примери: Путин го прегази членот 2 од Статутот на ООН, Хелсинсшкиот заклучен акт и Договорот за пријателство, соработка и партнерство меѓу Украина и Руската Федерација. Тој, исто така, ги прекрши обврските кои ги презеде со Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, имено ветувањето да ги почитува границите на Украина и да се воздржи од закана со сила или да ја искористи неа против територијалниот интегритет или политичката независност на Украина.

Анексирајќи го Крим, Путин отиде понатаму, разгорувајќи и активно ширејќи го пламенот на конфликтот на Истокот на Украина. До денес Русија продолжува да ги испорачува своите војници и тенкови во огромниот пламен на конфликтот, кој веќе одзеде животи на повеќе од 10.000 лица и присили 2,3 милиони луѓе да ги остават своите домови.

Летот MH17 стана уште една жртва на оваа трагедија, кога руската ракета, пуштена од територијата контролирана од проруските милитанти, собори патнички авион на небото, одземајќи живот на 298 невини луѓе, вклучувајќи и 10 поданици на Велика Британија.

Оттогаш доаѓаат пораки од Крим за репресии над домородното население, кримските татари и за заплашување на тие, кои настапија против руската анексија. Без оглед на постојаните повици од страна на ГА на ООН, Русија откажува да дозволи на полуостровот меѓународни мисии за човекови права.

Конечно ќе истакнам зошто е толку важно придржување до принципот: државите не треба со сила да ги менуваат границите или да стекнуваат територија по пат на сила. Од тоа, дали светот ќе се придржува до овој принцип, зависи безбедноста на секоја нација.

Токму затоа судбината на Крим е важна за сите нас.

Сите ние имаме обврски избалансирано и решително да настапиме против Русија. Тоа значи – да ги поддржуваме санкциите воведени против Руската Федерација поради анексијата на Крим, сѐ додека регионот остане под контрола на Кремљ, а исто така да се задржат понатамошни, посилни санкции, додека не се исполнат договорите од Минск.

Овие чекори треба да покажат дека ниту една земја, независно од нејзината големина, не може да го расчленува својот сосед и да го прекршува меѓународното право без последици за себе.

Воедно со тоа, јасно придржувајќи се до нашите принципи, ние, исто така, треба решително и насочено да соработуваме со Русија. Ние треба јасно и директно да зборуваме за нашата вознемиреност од дејствијата на Кремљ.

И тука нема никакви противречности меѓу дијалогот и воздржаноста. Напротив, овие пристапи можат да се зајакнат едно со друго, и јас го истакнав тоа за време на мојата посета на Москва во декември 2017 година.

Велика Британија и Русија, како постојани членки на Советот за безбедност на ООН, носиме особена заедничка одговорност за почитување на меѓународниот мир и безбедност. Нашето мото во односите со Русија треба да биде следно: „Соработувај, но биди внимателен. При тоа двете компоненти на оваа формула мора да се спроведуваат подеднакво решително.

Но, истовремено, ние никогаш не треба да заборавиме на ужасните последици од тој состанок во Кремљ, доцна ноќта, на 22 февруари.

Автор на текстот е Борис Џонсон, министер за надворешни работи на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска

Оригиналот од статијата на англиски јазик е објавен на сајтот на Владата на Велика Британија

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...