Судот го одби барањето на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски и „бомбите“ ќе бидат докази во случајот со провизии од кинеските автопатишта и во случајот на СЈО „Траекторија“ денеска започнаа воведните говори.
Одбраната на обвинетите се сомневаше дека можеби прислушуваните разговори се менувани, а Судот дополнително го одби барањето на Груевск, кој е еден од обвинетите, да се отфрли и вештачењето на СЈО.
Во „Траекторија“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Четворицата се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.