Најавите од Министерството за финансии дека се размислува за тоа поголем персонален данок да има за износ над 1.000 евра месечен приход на поединец по различни основи вклучувајќи ја и платата, ја вжештија дискусијата на јавноста. Голем дел од граѓаните преку социјалните мрежи изразија незадоволство од износот што Владата размислува да го прогласи како голем износ, над кој треба да се плати персонален данок од 18 проценти, за разлика од „нормалната“ стапка од 10 проценти што ќе ја плаќаат сите други, со месечни индивидуални приходи помали од 1.000 евра. Тие велат дека е трагично да се размислува дека некој со 1.000 евра е богат.
– Можеби некој нешто работел цела година и му се собрал некој денар повеќе во текот на еден месец и државата веднаш ќе му го земе. Па, тоа се пари колку да се закрпи некоја дупка во семејниот буџет, а не се богатство – е еден од многубројните коментари на социјалните мрежи.
Во ИТ-секторот, но и некои врвни лекари и сега земаат месечни примања над 60.000 денари.
– Во ИТ-секторот голем дел работат како аутсорсинг за странски компании и изнаоѓаат начин како да ги избегнaт даноците. Доколку се зголемат даноците, и оние што работат легално ќе се префрлат во сивата економија – вели ИТ-експерт со кого разговаравме.
Персоналниот данок учествува со 8,6 проценти во вкупните приходи
Од Министерството за финансии велат дека веќе се направени сите пресметки околу очекуваниот ефект врз Буџетот од зголемениот персонален данок и дека наскоро за тоа ќе има прес-конференција.
Според она што може да се види од презентираните бројки за државната каса, очекуваното учество на персоналниот данок на доход во вкупните приходи во 2018 година ќе биде 8,6 проценти. Односно, вкупните приходите се планирани на 3,1 милијарда евра, а приходите од персоналниот данок се планирани на 271 милиони евра. Но поголем персонален данок нема да плаќаат сите, туку само оние граѓани со остварени месечни приходи над 1.000 евра, а нивниот број, според изјавата на министерот Драган Тевдовски е 2 проценти во вкупниот број граѓани.
Прогресивното оданочување на месечниот доход поголем од 1.000 евра го промовираше лидерот на СДСМ Зоран Заев уште во 2013 година. Така, во јавноста веќе многу се зборуваше за прогресивното оданочување.
Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери на Македонија изјави дека со воведување на прогресивниот данок, трошоците во Управата за јавни приходи, ќе бидат повисоки од користа од оданочувањето. Според него, ваков данок ќе плаќаат околу 8.000 луѓе, а УЈП ќе мора да ангажира луѓе и да прави посебни пресметки што чинат многу пари.
Ќе се чепне и во данокот на имот
Но персоналниот данок не е единствениот данок што би се чепнал во прогресивното оданочување. Според Програмата на Владата за 2017-2020 година, поголем данок за 0,1-процентен поен ќе има и на имот проценет над 400.000 евра.
„Ќе биде воведено и поправично оданочување при поседување повеќе имот“, пишува во Програмата.
Според најавите од пред 5 години, пак, секој што има во сопственост еден стан или една куќа во која живее заедно со своето семејството, ќе плаќа данок на имот од 0,05 проценти од вредноста на имотот. Доколку поседува втор стан или куќа, ќе плаќа данок на имот во висина од 0,1 проценти од вредноста на имотот. За трет стан или куќа, ќе се плаќа 0,15 проценти данок на имот. За четврти или за повеќе станови или куќи сопственикот ќе плаќа 0,3 проценти данок од вредноста на имотот.
Прогресивното оданочување, СДСМ го прокламираше и како еден од главните адути за враќање на средната класа. Со плаќање поголем данок од страна на богатите, според партијата ќе се подобрат условите за живот на сите.
– Доколку јас како граѓанин земам плата, плус земам хонорари, плус имам акции и ми се исплаќа дивиденда или, пак, изнајмувам дуќан, сите овие приходи кога ќе се соберат, прават сума над 1000 евра. За парите над оваа квота ќе треба да платам повисок данок, и тоа е в ред затоа што јас пак останувам побогат во однос на другите. Но, со текот на времето овој данок е предвидено да ја врати средната класа – изјави универзитетскиот професор Ванчо Узунов кога се промовираше идејата за прогресивното оданочување.
Весна Дамчевска
„Слободен печат“