БМВ Алпина, а немав ни за Дрина… (2)

Во центарот и првите периферни маала, Скопје веќе живееше со своите занаетчии, приватни угостители со своите автомеханичари.

1361
Населбите во Скопје добија кројачки салони, свои слаткарници, семкарници, берберници и фризерници, автомеханичарски работилници. Тапетарите за мебел и автомобилски седишта беа ем добро плаќани ем ценети мајстори. Без кондураџија таков центар на една периферна населба во ново Скопје не можеше да се замисли. Секако, друштво им правеа двата киоска на „Нова Македонија“ и „Тутун“, и тук там по некоја лимунадџилница. Центрите на населбите беа комплетирани. Самопослугите на „Славија“ и „Центро“ и продажните трафики на „Жито Лукс“, беа малку понатаму, кај импровизираните пазари, онаму, каде локации за своите дејности добиваа и кафеанџиите. Населбите можеа да почнат да живеат исто како и центарот на Скопје…
Во центарот и првите периферни маала, Скопје веќе живееше со своите занаетчии, приватни угостители со своите автомеханичари. Разликите во финансиските состојби помеѓу обичните и занаетчиите почнаа брзо да се забележуваат. Иако во тоа време на “Учи и само учи“ да бидеш занаетчија помалку звучеше потценувачки, сепак, многумина од нив бргу ќе ги покажат своите профити на најразлични начини и паролата ја губеше вредноста. Но, многу деца, токму од семејствата на занаетчиите први ќе ги завршат факултетите, речиси на истите појавни облици како кај децата на големите директори и функционерите. Протекциите почнаа да смрдат од далеку. Тој е син на автомеханичарот тој и тој, беше исто или речиси исто, како да е дете на моќен Секретар во тогашната влада, на судија или ген. директор. Образованието полека ама сигурно го губеше квалитетот…
Првите примери на патувачки скопски трговци поединци земаа интензитет од втората половина на шеесетите. Омилени дестинации Трст и Венеција на Запад, Истанбул на Исток, и речиси целата територија на Бугарија, како тезга на која патувачките трговци од Скопје препродаваа најразлична стока – златни прстени, женски комбилизони, фармерки и друго, стока која е купена од прошверцуваниот индиски чај во Истамбул. Вредноста на југословенскиот пасош растеше, а патувачките трговци добро заработуваа, по што некои од нив ги отворија и првите таканаречени Бутици во Скопје. Дојде и првата пица во населбата Аеродром, преку „Фуфо“, се појави и Клуб 77, познат бутик на фармерки во Трговскиот центар, а за семејството на Лале месарот, гласно се зборуваше дека секоја вечер пазарот го носат дома во вреќи и чопоративно ги броеле парите од дневниот промет. На паркингот пред хотел „Гранд“, денешен Холидеј Ин, не можеа да се избројат грчките автобуси кои го преплавуваа Скопје со Грци за да купат банани и по некој сувенир од познатите скопски филиграни и златари…
Во таа еуфорична, речиси стихијна, трка по профитабилна тезга и занает, на скопскиот авто пазар под Кале, кај старото сајмиште, почнаа да се редат автомобили од странски произведувачи, оние од западот, а низ улиците на Скопје, фиќовците, тристачите и стокецовите често беа пресретнувани од луксузни и спортски автомобили од најразлични западни производители. И замислете, беа со бели скопски таблички, што значеше дека се во приватна сопственост. Оние државните, во кои се возеа големите директори имаа црвени таблички, и не беа интересни…
Скопје полека добиваше една друга димензија, почна да ги создава класите. Седумдесетите години од минатиот век, ќе започне драстично да се забележува моќта на големите директори, како и онаа на буџите од Водно. На охридската ривиера, Лагадин, се делеа бесплатни плацеви на „заслужни“ граѓани, се градеа велелепни викендички, исто и на Маврово, и секаде. Дворовите во специјалните плацеви на Буџите од Водно ги красеа лимузини од странско потекло, а чалумот, несвојствен за старите скопјани, некој нов вид на ароганција и самобендисаност заради позицијата, почна да ги ѕида првите бариери помеѓу класите. “Ама вие немате клавир дома, јас не можам да се дружам со тебе, така ми рекоа моите…!“ Јеботе благи бог и слатки римски папа, тотални антислухисти на кои клавирот им беше како креденец на кој поставуваа чипкани миљенца и стаклени вазни со пластични цвеќиња, и големи италијански кукли со балерински фустани во дреч бои, почнаа да воведуваат нови стандарди во животот во Скопје…
(продолжува)
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...