Бизнисменот Николов: Јас го терав Заев да го каже тоа

4575

Откако МВР ќе ме опремеше со опремата за снимање, на средбите јас го натерував градоначалникот да го каже тоа, рече бизнисменот Иван Николов одговарајќи на прашањето на Судскиот совет, дали директно му бил баран поткуп или тој самиот го нудел на Зоран Заев.

Сведокот, како што информиравме во текот на денот, за неколку сегменти имаше конфузни изјави, па во еден момент судијката му рече:

– Не повторувајте тоа што веќе сте го кажале, туку одговорете. Како напамет да сте ги научиле.

На денешното маратонско рочиште кое започна утрово во 10 часот, прашања на сведокот, бизнисменот Николов кој е на снимката за „Поткуп“ со Заев му поставуваше и премиерот.

– Дали кога бевте во МВР се видовте и со некој друг висок функционер освен Чавков?Дали го познавате обвинителот Јован Цветановски? Дали од 2008 до 2013 има отворено истрага против вас или вашите фирми? Дали можеби 2013 е годината кога била прекината истрагата или отфрлено обвинението против вас? Дали отфрлањето е поврзано со вашата пријава против мене – прашуваше Заев.

Бизнисменот Николов одговори дека нема поврзаност меѓу двата случаи.

Заев и неговите адвокати пак, рекоа ќе донесат докази дека истрагата против бизнисменот е прекината кога тој го пријавил поткупот што му бил баран.

Инаку, Заев и бизнисменот кој денеска сведочи против него во „Поткуп“ последен пат се слушнале дента кога СДСМ објави неколку „бомби“ во Универзална сала.

– Дали ви се јавив и ве прашав: Иво како не ти е срам, со месеци и можеби години се обидуваш да ме наместиш? Дедо си, внуци имаш. Никогаш си немал ниту еден проблем од мене или моето семејство. Зошто се обидуваш да ме наместиш? – му рече Заев.

Овој разговор бил утринава на 10 мај 2015, а вечерта СДСМ во Универзална објави „бомби“ од кои во една се споменува токму името на бизнисменот и, според тогаш слушнатото, местењето на Заев.

Непосредно пред почетокот на настанот во Универзална, пак, на Интернет протече снимката на која Заев наводно бара поткуп.

Следното рочиште за „Поткуп“ продолжува на 12 април.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...