Јасни критериуми кои ќе се совпаѓаат со оние на институциите на Европската унија и техничка помош за подготовка на проектите со кои ќе учествуваат на тендерот за користење на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, побараа денеска бизнисмени на дебатата во Стопанската комора со Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, преку кој ќе се реализираат активностите.
– Имам добра идеја, но немам тим кој ќе ја преточи во добар план за да можам да конкурирам за некоја од мерките и да ја добијам помошта. Тоа е проблем на најголемиот број компании за кои се наменети овие мерки – рече Трајче Трајковски од велешката фабрика за порцелан ,,Хемија –комерц“.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Деспотовски информира дека е ангажиран стручен тим од четири надворешни експерти во Фондот кои два пати во неделата ќе можат да им помагаат на заинтересираните компании како да аплицираат и да ги подготвуваат проектите. Прашањата можат директно да им се поставуваат, но и пратени по мејл.
– Но како државна институција не можеме да ви посочиме кои приватни пишувачи на апликации да користите, бидејќи тоа ќе значи дека поголем простор и проценка му посветуваме на пишувањето на плановите отколку на идејата, нејзината изводливост и како таа ќе се одрази во натамошниот раст на компаниите што е наша цел. Но, секако вие веќе знаете кои луѓе може да ги користите за пишување на плановите што ќе има финансиски импликации за вас – рече Деспотовски.
Драган Дамјановски од Битолскиот регионален центар на агенцијата за претприемништво предложи овие центри да бидат директно вклучени во разјаснувањето и пружањето помош на компаниите при изготвувањето на проектите.
– Две битолски компании веќе побараа помош кај нас, но бидејќи ние не сме вклучени во реализацијата на мерките рековме дека не можеме да им помогнеме. Доколку пак бидеме вклучени ќе се ангажираме целосно во тоа. Можеме барем да помогнеме во евалуацијата на проектите и нивното рангирање – предложи Дамјановски.
Бизнисмените, како што рекоа, имаат дилема дали истовремено можат да конкурираат за овие и мерките што се практикуваат преку Министерството за економија и дали можат да конкурираат за сите пет мерки од планот за економски раст. На ова добија одговор дека мерките што ги нуди Министерството за економија и Планот за економски раст се различни и не се исклучуваат при конкурирањето за нив.
– Што се однесува пак до конкурирањето за повеќе мерки од третиот столб на Планот за економски раст овозможивме само со еден план да може да се конкурира за повеќе мерки, но при тоа не можат да се добијат повеќе од 20 милиони денари. Значи со еден проект ќе може да се аплицира за неколку мерки истовремено, а тоа ќе се прави само со штиклирање на мерките – појасни Деспотовски.
Претседателот на Соларната асоцијација на Македонија, Илија Насов побара во однос на критериумите да се имаат предвид оние кои ги имаат востановено европските институции.
– Еден од нив е влијанието на проектот врз животната средина што е многу битно за иднината на проектите. Сепак сум задоволен што во овие мерки науката има свое место што не беше случај до сега. Ова е прв пат посеопфатно да се отвора место за иновативноста – рече тој.
Компаниите генерално се задоволни што мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст се совпаѓаат со нивните барања од изминатиот период.
Билјана Пеева Ѓуриќ, извршен директор во Стопанската комора на Македонија,како што изјави пред средбата, очекува да бидат разјаснети сите дилеми кои ги имаат компаниите.
– Тука има сериозни мерки коишто може да бидат од корист на бизнис заедницата, како што е мерката за стручно усовршување и пракса на млади кадри кои треба да се вработат во компаниите. Таквата финансиска поддршка секако е добредојдена, бидејќи со стекнувањето дополнителни знаења, вештини и обуки компаниите ќе може да генерираат кадар којшто му е потребен на пазарот на труд – рече Пеева Ѓуриќ.
За спроведување на третиот столб од владиниот План за економски раст Фондот за иновации и технолошки развој располага со 10,5 милиони евра. Најавени се вкупно три повици за мерките. По првиот што треба да биде објавен до крајот на месецов, повици за користење на мерките ќе бидат објавени и во јуни и во септември. На располагање на Фондот за иновации и технолошки развој се и 7,5 милиони евра, средства од Светска банка, а кои не беа искористени од претходното раководство.