Беса и дефинитивно останува на крилото предводено од Билал Касами. Вака пресекол судот на денешната расправа, брифира за Плусинфо висок функционер на Бeса. Ова значи дека е отфрлено барањето на Африм Гаши, тој да биде впишан за претседател на Беса.
По ова, извесно е дека крилото предводено од Гаши ќе треба да формира нова партија. Таа опција е во игра од самиот почеток на недоразбирањето и разидувањето помеѓу двете крила. Од крилото на Гаши навестуваа дека доколку го изгубат спорот тие да ја наследат Беса, ќе одат на формирање на нов политички субјект.
Функционерот брифира дека образложението на Судот било дека крилото на Гаши не ги почитувало процедурите, односно одлуката за конгресот на Беса била тој да се оддржи на 24 февруари. Таа одлука крилото на Касами веднаш ја приложило на Судот, додека крилото на Гаши одржа конгрес на 18 февруари. Крилото на Гаши смета дека треба да ја предводи Беса со аргумент дека се основачи на партијата. Но, за судот „основачи“ не се органи на партијата.
Од крилото на Гаши не сакаа да коментираат за идните чекори, додека од Судот не добијат официјално известување.
– Немаме официјална информација од Судот дека донеле таква одлука. Откако ќе добиеме официјално од Судот, органите на партијата ќе донесат одлука – вели Орхан Муртезани.
Три години од формирањето, Беса веднаш по последните локални избори се подели на две крила – едното предводено од актуелниот претседател Касами и другото предводено од пратеникот Неџбедин Каремани, а зад кој застанаа тогашниот партиски генерален секретар Африм Гаши, а сега претседател на другото крило на Беса.
Расколот се одрази и на пратеничката група, односно Касами остана со двајца пратеници, додека крилото на Гаши има тројца пратеници.
По партискиот раскол се оддржаа два конгреса на кои на чело на Беса застанаа и Касами и Гаши.