Кога на прашањето на мој драг човек, познаник и пријател, ем политичар, (морам да признаам дека во тој период ги имав повеќе, и драги и мили и достоинствени, многумина од нив и денес ми се исти), и момчак кој зрачеше со една специфична сериозност во тогашниот политички естаблишмент на Бихаќка и во Парламентот, Гордан Георгиев, дали би сакал да се приклучам во кампањата на ОТПОРОТ со неколку беседи од Ладата пред Рекорд, отсечно одговорив: „Со задоволство!“, и истото го сторив со чувство на искажана почит кон мене и на мојата дотогашна прогресирачко колумнистичка кампања против режимот на ДПМНЕ, (претенкју Бранко Героски), со јасно препознатлива комуњарска нијанса и ориентираност, ви текнуе? Почнав да ги допирам скопските и македонските врвови на интернет популарноста, и за тој настап морав сериозно да се подготвам. Имав подготвено сосема кус текст, (на снимката се гледа листот во десниот горен џеб на кој ми беше напишан планираниот говор), напишан во стилот и нарацијата на Боки Бургија, со доза на хумор и сатира. Имаше двајца кои однапред ја знаеја содржината на тоа писмено обраќање, од кои побарав мислење, дали ваков вид на обраќање е во ред. Двајцата ми рекоа – Абе терај како си наумил, одличен си…
Пред мојот настап, пратеничката и златната Бургијашка Софија Куноска, во одлична нарација го причита писмото на Ѕвездан Георгиевски, кој, од објективни причини беше спречен самиот да го каже тоа што го напишал. Пораките на Ѕвездан беа во границите на феноменалноста и мотивирачката монструозност на новинарското перо, да се истрае до крај. Како и да е, Софија тоа го презентираше одлично, се симна низ монтажните скалички по кои почнав да се искачувам. Од горе, погледнав наоколу. Ги препознав оние во првите редови, а највеќе од сите ми остави впечаток квартетот: Бранко, Љубчо, Тито и Жерновски. Јеботе благи Бог и слатки римски Папа, бе, Боки, еј, гледај го ова и запиши го во твојата меморија како историски настан, еј, Бранко и Љубчо заедно, а покрај нив Тито, тешкиот комуњарски репрезент кој го донесе Грујо на власт, и глеј пред кого треба да се обратиш. А таа вечер кај Рекорд и најверојатно во Скопје, беше грч ладно, бе. Да се смрзнеш ко пииии…нгвин, скокнат гол од први на Илинденска, од гарсоњерата на шваљерката чиј муж заѕвонил порано дома. Не го извлеков листот од џебот, и почнав да зборувам онака…
Мојот говор на Ладата, освен оние двајца кои го знаат до збор, беше скратен до минимум, до онаа граница, за да не дозволам овие луѓе пред Рекорд кои му даваа најискрена подршка на ОТПОРОТ, да мрзнат подолго време, ама најверојатно ја извлеков поентата со последната порака до Бранко, да не го испушта кормилото од раце…
Нешто, што ниту на сон некој политички средно образован и информиран граѓанин на Македонија, би можел да го замисли во периодот пред ОТПОРОТ, е здружувањето на Бранко и Љубчо. Ама, тоа се случи, без апсолутно никакви турбуленции и во редовите на бранковистите и во оние на љубчовистите. Не. Сите беа свесни дека ваквиот вид на здружување со “Ѓаволот“, значеше рушење на режимот кој почна апла да се презентира на 24.12.2012 година…
Да се разбереме околу поентите на ваквите здружувања. Тврдам, да беа Бранко и СДСМ на власт, и заради тенкото мнозинство во Парламентот, поентата на името и решавањето на спорот со Грција да го решава со здружување со Љубчо, тоа никогаш не би го сторил, дури и по цена да ја загуби власта. Со Амди, со Авировиќка, со Саздовски и Жерновски во ЦО на партијата? Молим? Абе ај…
П.С. Извлечени сегменти од монографијата на Боки Бургија, која ќе биде објавена некад, а можда и тад… Тенкју… 🙂