Младинските екипи на шпанскиот гигант Барселона и актуелниот европски првак Фенербахче ќе бидат дел од меморијален, млaдински кошаркарски турнир „ФИЦБОЛ 2018“ на 7 и 8 април во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Турнирот во организација на КК Партизан Водно Санс и семејството Сотирови, ќе се одржи по прв пат и е во чест и сеќавање на прерано починатиот, млад кошаркар Филип Сотиров – Фиц (1999-2014).
Покрај Барселона и Фенербахче, на турнирот ќе учествуваат, Бугарска Национална репрезентација, Партизан Белград, Кајолу и домаќинот КК Партизан Водно Санс.
Предвидени се натпреварувања во забивање, шут за три поени, ќе се бира највреден играч, најдобри стрелци на секој натпревар како и најдобар стрелец на целиот турнир. Тренерите на тимовите, по завршувањето на сите натпреварите, ќе ја одберат најдобрата петорка на турнирот.
Турнирот ќе има и хуманитарен карактер, кој ќе се манифестира преку донирање на средства и реквизити во домот за деца без родители „11ти Октомври“, од страна на сите екипи учесници во турнирот, информира организаторот.
Влезот за натпреварите на турнирот е бесплатен.