Баби што нижат пиперки – пример за социјално претпријатие

Се ангажираат главно жени од околу и над 70-годишна возраст кои не добиват пензија и кои се сосема исклучени од пазарот на труд.

787

Во текот на 2017 година во рамките на проектот Smart Start кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во пет земји: Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција, чиј носител за Македонија е Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), десет македонски невладини организации добија грантови и поддршка да се трансформираат во социјални претпријатија. Разговорот е воден со Македонка Коцева, основач на Виножито, една од десетте организации.


Што работи „Виножито“, која е социјалната а која е економската компонента на ова социјално претпријатие?
– „Виножито“ работи во рурална земјоделска средина од областа здрава храва, поточно природно дехидрирање на зеленчук со план да ја прошири дејноста и да суши и шумски плодови, но и да произведе пиперка во саламура. Со еден збор работиме со преработка на здрава храна. Социјалната компонента е да ангажира една многу специфична група на луѓе од околу и над 70-годишна возраст со акцент на жени кои не добиват пензија и кои се сосема исклучени од пазарот на труд. Економската димензија е јасна преработка и производство на готов производ – здрава храна и остварување одреден профит.

Со колкав тим работите и од каков профил?
– Нашата дејност е од сезонски карактер и затоа се ангажираат луѓе по потреба. Минатата година работевме со тим од околу 15 луѓе од кои шестмина беа постојано активни а другите повремено. Профилот на образование е двајца со високо и шестмина со 4-то одделение.

Во која развојна фаза сте и кои ви се плановите за 2018?
Во почетна развојна фаза сме, ова е прва година кога имаме можност да почнеме со производство. И економскиот бенефит од првичното производство допрва треба да дојде што значи сѐ уште ја немаме довршено првата фаза од првата година на производство. Втората година, односно 2018 година за нас календарски ќе отпочне од јули од кога веќе ќе бидат озреани дел од шумските плодови и дел од пиперките.

Каков е слухот на релевантната јавност за социјалните претпријатија и дали постојат законски и логистички пречки за развој?
– Јавноста сосема малку е запознаена во делот социјални претпријатија, но оние луѓе со кои дојдовме во директен контакт поради работата, го поздравуваат овој начин на работа. Секако законски пречки за работа постојат поради самиот факт што сѐ уште нема донесено закон за социјални претпријатија.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...