Кристијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Стопанската комора оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и претставници на компании членки на Комората.
– Очекувам, а тоа и му го предочив на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи во Собранието сите закони кои влијаат на економскиот амбиент за да не се кочи развојот – изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски.
Азески додаде дека му посакува на Мицкоски побрзо враќање на власт и изрази надеж дека ќе водат континуиран дијалог за сите прашања кои се од интерес на бизнис заедницата.
Мицкоски, пак, изјави дека на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ му е потребна правилна навигација од бизнис заедницата, да се слушнат потребите на компаниите зашто тие креираат додадена вредност и вработувања.
– Нашата работа е да креираме соодветни решенија и кога ќе дојдеме на власт, да ги спроведеме на дело – рече Мицкоски.
Тој додаде дека последниве девет месеци Македонија бележи исклучително лоши економски резултати со намалени странски инвестиции и индустриско производство и без визија и креативност за какво било подобрување.