Асоцијацијата на архитекти на Македонија бараат за нова локација за Клинички и тие да бидат прашани за мислење.
Промена на локацијата на Клиничкиот центар мора да има зашто на постојната, со сиот сообраќаен метеж и загрозена животна средина, тој ќе умре, смета Асоцијацијата на архитекти на Македонија. На прес-конференција денеска архитектите се пожалија дека Владата не побарала од нив стручно мислење за овој проект, констатирајќи дека продолжува практиката на нивно изземање кога се донесува одлука за урбаното планирање.
Претседателот на ААМ Мартин Пановски и архитектот Иван Арсовски сметаат дека треба да се гради нов Клинички центар во Злокуќани. Новата локација на територијата на Карпош, рекоа, е дефинирана уште во Генералниот урбанистички план од 2001, потврдена со ГУП-от од 2012 година, а за дислокацијата во 2010 е направена и физибилити студија од француска консултантска компанија со поддршка на Европската инвестициска банка.
Според ААМ, штетата Клинички да остане на истата локација ќе биде многу поголема од 5,5 милиони евра што како пенали Владата би требало да ги плати на Банката на Советот на Европа ако го раскине договорот за реконструирањето на клиниките во постојниот центар. Каков е проектот за доградба и реновирање тие не можат да судат зашто не го виделе но, велат, и да е со најдобри услови тој не е добар зашто на Клинички му треба локација до која ќе се стигнува брзо и непречено.
– Местото каде што сега е Клиничкиот центар ќе умре. Како архитекти, ние мора да гледаме напред и да имаме визија – да предвидиме работи, а не да го решиме проблемот сега и да го закрпиме да држи три години. Изградбата и дислокацијата би бил процес од 10-15 години, најпрво со селење на клиниките кои функционираат самостојно, како Стоматолошката, а на крајот Хирургијата – рече Пановски.
Според неговиот колега Арсовски, на проблемот со локацијата треба да се гледа комплексно и да се опфати околината, посочувајќи дека со новопланираната населба Сопиште со Сончев град ќе има потенцијални 17.000 жители за кои главна сообраќајница до центарот ќе биде улицата Мајка Тереза (Водњанска).
– Тоа ќе предизвика не сообраќаен колапс, туку сообраќаен инфаркт. Пет илјади возила ќе пробаат да влезат во Клинички центар и ќе го попречат движењето на специјалните возила, корисниците на околните населби, но и на возилата со придружба од Претседателската вила, резиденциите и амбасадите, што значи дека и од безбедносен аспект не е поволна локација – истакна Арсовски.
Тие го презентираа проектот за Клинички центар во Злокуќани и придобивките од него. Би бил на површина четири пати поголема од сегашната, односно 94 хектари наспроти постојните 20 хектари или, како што споредија илустративно – сега Клинички се просторира колку на четири градски стадиони, а новиот би бил на 16.
Планирано е да има најмалку осум влеза, добро инфраструктурно поврзан поради близината на северната обиколница и пристап за западниот и источниот дел на Македонија, но и лесен и брз пристап за граѓаните на Скопје, можност за изградба на автобуски и железнички терминал, хелиодром и сите мерки за заштита и спасување.
Покрај зголемениот простор, кој предвидува и изградба на нови болници и факултети и поголем капацитет за хоспитализација, бенефитот го гледаат и во тоа што тој дел од Скопје е во здрава и незагадена животна средина. Сето тоа, сметаат архитектите, ќе ги подобри условите за работа на докторите и стандардите за лекување на пациентите кои ќе добијат брза и квалитетна здравствена услуга.