АПСУРДИ Власта се токми да ги осакати спортските обложувалници, ама и буџетот!

Измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри ќе предизвика масовни отпуштања во обложувалниците и пад на буџетските приходи.

172

Власта подготвува измени и дополнувања на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Од првата група објавени нови законски решенија, спортските обложувалници буквално се шокирани. Асоцијација на спортски обложувалници, АСОМ – Скопје, која дејствува во рамките на Стопанската комора на Македонија, уверува дека законските измени ќе им нанесат сериозни штети не само на нејзините членки, туку и на Буџетот на Република Македонија, а многу вработени без вина ќе останат буквално на улица.

– Со Законот, кој сега треба да претрпи, најблаго речено чудни измени, бизнисот на спортските обложувалници во Македонија е речиси стопроцентно регулиран, како никаде во Европа, многу подобро од било каде на Балканот. Сите приредувачи на игри на среќа ја имаат исполнето својата обврска за обезбедување надзорен информациски систем и поврзување и размена на податоци со информацискиот систем на Управата за јавни приходи, на строго дефиниран начин, каде комплетно онлајн се следи нивната работа и редовно се реализира наплатата на посебните давачки. Наплатата на персоналните даноци е повеќекратно зголемена и реализирана. Нагласуваме, дополнително се наплатува посебна давачка во висина од 3 отсто за финасирање на спортот, износ кој се плаќа на сметка на Агенција за млади и спорт. Бројот на вработени е зголемен, бројот на добавувачи кај приредувачите е зголемен и слично. Досега имавме добра соработка со Министерството за финансии и тоа ни дава надеж дека некако ќе се надмине оваа ситуација и дека од предлозите за менување на Законот ќе се отстранат непотребните и штетни рестрикции, кои ќе му нанесат сериозна штета на овој дел од бизнис секторо – велат од АСОМ.

За што станува збор? Од каде сега овие непотребни компликации?

Фамозните 300 метри

Измените на Законот предвидуваат воведување минимална оддалеченост на објектите на обложувалниците од основните и од средните училишта од 300 метри, со претпоставка дека на тој начин ќе се намали достапноста на игрите на среќа за малолетни лица. Ова е апсуедно, велат во АСОМ. Токму постоечкиот Закон строго го регулира прашањето за забрана за учество на малолетни лица (дури и за влез во објектите кои приредуваат игри на среќа и за вршење уплата) со член 20 став 1, со кој е пропишано дека „лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа“, а во став 3 се додава дека „за лица помлади од 18 години не е дозволен влез во казина, во простории каде што се приредува томбола од затворен тип, во обложувалници и во автомат-клубови“. За тие што не ги почитуваат овие одредби, Законот предвидел високи парични глоби за приредувачите.

– Одговорно тврдиме дека законската забрана за пристап на малолетни лица целосно се почитува од страна на спортските обложувалници. Во секој објект, односно уплатно-исплатно место, на видно место веќе има поставено налепница за забрана за влез на малолетни лица и секако, на сите печатени материјали и промоции, се нагласува забраната. Малолетни лица во обложувалници нема и дополнително нивното учество во обложувањето е оневозможено од самите приредувачи – категорични се во АСОМ.

Со воведување минимално растојание како ограничувачка мерка за обложувалниците, така како што е предложено во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, нема да се добие ништо, освен што ќе им се нанесе штета на обложувалниците, бидејќи дел од објектите ќе мора да бидат затворени, веќе склучените договори за закуп предвреме ќе бидат раскинати, а дел од вработените ќе останат на улица. Не треба да се заборави дека членките на оваа асоцијација вработуваат околу 3.000 луѓе и преку 1.500 останати индиректни вработени кои се на некој начин вклучени во оваа индустрија и егзистираат од неа. Ако се воведе ова ограничување, обложувалниците ќе треба да затворат преку 30 отсто од своите објекти, да отпуштат вкупно преку 1.000 вработени (посебно во помалите места), а приходите што од компанијата се слеваат во Буџетот на РМ ќе се намалат за 20-30 отсто.

Станува збор за сериозна индустрија, која значајно придонесува во буџетот на Република Македонија и вработува респектибилна бројка вработени. Обложувалниците по однос на посебна давачка од 20 отсто, посебна давачка од 3 отсто за Агенција за млади и спорт, ДДВ, персонални даноци за плати, придонеси, кирии, индиректно ДДВ преку компаниите кои соработуваат со нив во бизнисот, сигурно исплатиле преку 20 милиони евра за 2017 година. Наспроти сите приказни дека се остваруваат енормни профити, тоа сепак не е точно. Како куриозитет, под “промет” кај обложувалници се прикажува само уплатата на тикетите, но не и исплатата кон играчите, поради наметнатите дополнителни фискалните каси. каде не се евидентира исплатата. Тоа не е реална цифра на бруто приход на обложувалниците, туку бруто приход е разликата од уплатите и исплатите, која грубо изнесува околу 12-18 отсто од уплатата. Да, прометот прикажан на тој начин е голем, но кога ќе се одбијат давачките, даноците и секако и добивките на играчите, кај обложувалниците остануваат промили! Како за пример, од вкупниот прикажан “промет” на обложувалниците од 200 милиона евра во 2016 година, кој е само уплатата на тикетите, нето добивките на обложувалниците се вкупно само 550.000 евра (со вкалкулирани загуби). На 10 постоечки брендови, 4 банкротираа целосно, 4 прикажуваат загуби или се околу нула и само две со прикажана профитабилност.

– И покрај обидите да се создаде негативен имиџ за овој дел од бизнис секторот, нема веродостојни анализи кои покажуваат дека обложувалниците предизвикуваат социјално девијантно однесување на малолетници. Напротив, ние упорно тврдиме дека тоа е измислица. Внимавајте, постои посебна забрана за продажба и за точење на алкохол на малолетни лица. Дали тоа значи дека законодавецот сега треба да забрани малолетници да влегуваат во супермаркетите и да се отстранат сите продавници од училиштата на растојание помало од 300 метри? Ова навистина е апсурдно! – велат од АСОМ и додаваат дека предлог решението претставува нерамноправен третман на компаниите кои вршат дејност игри на среќа, со компаниите од другите услужни дејности и со останати правни субјекти, со што се прекршува и Уставот.

Депозитот до небо!

Сериозен проблем за обложувалниците е и законската измена во однос на висината на депозитот и бројот на уплатно-исплатните места. Со постојното законско решение, приредувачот на игри на среќа во обложувалница, за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа во обложувалницата, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебната давачка, е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ од 300.000 евра, Откако ќе ја положи гаранцијата, приредувачот има право да приредува игри на среќа во обложувалница во најмногу 25 уплатно-исплатни места, додека пак за зголемување на бројот на уплатно-исплатните места, за секои следни 10 места, приредувачот е должен да достави доказ за уплатен депозит, односно да приложи банкарска гаранција, во износ од 50.000 евра. Такво е законското решение сега.

Со предложените измени, износот на депозитот односно банкарската гаранција се зголемува на 500.000 евра, а истовремено бројот на уплатно-исплатните места се ограничува на 50, без можност за нивно зголемување. Оваа одредба ги збуни членките на АСОМ.

– Има претпоставка дека интенцијата на воведувањето ваква рестрикција е насочена директно кон насилно уништување на приредувачите кои веќе имаат повеќе од 50 уплатни места. Ние, пак, сакаме да веруваме дека предлогот на новиот закон нема таква намера. Ако идејата е приредувачот на игри на среќа во обложувалници врз основа на само една лиценца да може да приредува игри на среќа во 50 уплатно-исплатни места, а доколку сака да го зголеми бројот на уплатни места да бара дополнителна лиценца, покрај постојната, тоа би значело нов надомест од 105.000 евра и дополнителна банкарската гаранција од 500.000 евра, нови дополнителни јавни давачки и дополнително повторно плаќање на посебните давачки. Тоа е големо ограничување и сигурно ќе доведе до тоа приредувачите да го ограничат бројот на своите уплатно-исплатни места на најмногу 50, што повторно ќе предизвика намалување на врабитеноста и намалување на приливите на средства во Буџетот на Р. Македонија. Кој има ќар од тоа? – прашуваат од АСОМ.

Се коле кравата од која државата цица млеко

Обложувалниците бараат Законот да предвиди продолжување на времетраењето на лиценците. Асоцијацијата на спортските обложувалници смета дека и досега е направена неправда и нееднаквост во должината на лиценците со останатите субјекти кои спаѓаат во истата група на посебни игри на среќа, а тоа се автомат-клубовите и казината. Кај нив, лиценцата се издава на 6 години, што е реален и соодветен период. АСОМ бара должината на траење на лиценцата и за обложувалниците да биде 6 години.

– Со воведување должина на лиценцата од 6 години, правната сигурност на компаниите кои организираат игри на среќа во обложувалница ќе биде значајно зголемена, а буџетските приходи по основ посебни давачки ќе бидат стабилни, редовни и регулирани на подолг период. Исто така, со оваа мерка се избегнува непотребната, дополнителна и двојна администрација при продожување на лиценците на секои три години на едни исти правни субјекти – велат од АСОМ.

Нелојалната конкуренцијата и лобирањето во медиумите со години создава слика дека спортските обложувалници се „комарџиски дувла“, во кои се вртат тешки милиони. Но, реалната слика е поинаква. Во обложувалниците навистина се вртат сериозни суми пари, но кога ќе се одбијат давачките и добивките, маргината на профитот, како што веќе видовме, е ниска. Ако е намерата државата да ги „заколе“ обложувалниците, треба да ѝ биде јасно дека ќе ја заколе кравата од која цица.

Во моментов се очекува и втора тура измени на Законот. Изгорени од првите предлози, спортските обложувалници уште сега дуваат и на маќеница. Бараат дебата, транспарентност и решенија кои се во прилог на бизнисот, а не против него. Упатените велат дека овој сегмент од бизнисот, забавата, во моментов е бизнис број три во светот. Непотребните и штетни рестрикции нема да ги спречат македонските граѓани да бидат дел од светот на забавата, затоа што интернетот тоа сега го овозможува. Вистинското прашање е дали ние ќе успееме парите да ги задржиме дома, па дури и да донесеме пари од странство, или, како и во многу други дејности од бизнисот (во веб-девелопментот, на пример), ние со нашиот ум и знаење ќе црнчиме и ќе им ги полниме џебовите на странците.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...