Претседателот на Антикорупциска, Игор Тантуровски, обвинува за оркестриран напад од Владата и прашува зошто Службата за општи и заеднички работи, која ги врши сметководствените работи за Комисијата, досега не забележала неправилности, ако ги имало. Од Владата, пак, велат дека СОЗР само прокнижува и не навлегува во законитоста.
Тантуровски обвинува дека ова е кулминација на оркестрираниот напад од власта, кој веќе трае со месеци.
– Нè напаѓаа од сите можни страни, со сите можни оружја и кога не успеаја од ништо, сега вадат препораки што треба да се коригираат во евентуалното работење на Комисијата, што го има во секоја државна установа. Секогаш постојат некои недоследности што можат да се појават во тековното работење – вели Тантуровски.
За цитираните делови од извештајот што беа пренесени во медиумите, тој вели дека се наштимани и невистинити, а најави и кривични пријави.
– Не сум потврдил дека е веродостојно тоа што беше пишувано по медиумите, тоа е премногу извадено од контекст и премногу наштимано, сè со цел да се добие овој ефект како што и се доби, а документот не можам да го објавам јавно, бидејќи тој има својство на доверливост и ако го сторам тоа, ќе го прекршам законот – вели Тантуровски.
Тој додава дека документот што протече во јавноста е внатрешна ревизија изработена од Управата за јавни приходи, бидејќи Антикорупциска нема свои ревизори.
– УЈП прави ревизија секоја година, тоа се препораки што укажуваат на евентуални недоследности во работењето што треба да се поправат. ДКСК нема ниту свое сметководство, туку Службата за општи и заеднички работи на Владата го води целото сметководство на Комисијата и доколку сите тие незаконитости биле утврдени, од СОЗР требало да укажат дека нешто не може да помине и да се исплати. Недоследности постојат во секоја државна установа, кои можат да се појават во тековното работење, но таму кажуваат за непостојни документи, фалсификувани сметки и еден куп работи што се апсолутни невистини – објаснува претседателот на Антикорупциска.
Од Владата, пак, велат дека СОЗР извршува исклучиво сметководствени услуги и не навлегува во законитоста.
– Службата за општи и заеднички работи извршува исклучиво сметководствени услуги при исплати на институциите. Овие сметководствени услуги не навлегуваат во интерните прописи како и во законитоста на претходните постапки што биле веќе направени. Одговорноста за непочитување на финансиските законски трансакции е исклучително на институциите, во случајот Антикорупциската комисија, а не на Службата за општи и заеднички работи – велат од Владата.
Оттаму потврдуваат дека стојат на ставот дека очекуваат Антикорупциска да си понесе одговорност, како што тоа го направи Изборната државна комисија.
Но претседателот на Антикорупциска комисија, Тантуровски, вели дека не ни помислува да даде оставка.
– Планирам целава работа да ја истерам до крај. За да се покаже кој е тој што го порачува ова и зошто ова го прави – дециден е Тантуровски.
Тантуровски додава дека се сомнева во случајноста на тоа што вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека доставиле известувања до Основното јавно обвинителство дека не постои сомнеж за криминално работење на дваесетина невладини организации против кои минатата година ДКСК покрена барање за започнување на истрага, а во исто време ОЈО започнува истрага против Антикорупциска.
Стефан Атанасов, „Слободен печат“