Јавното Обвинителство започна истрага по објавите во медиумите за финансиски злоупотреби во Државната комисија за спречување на корупција, констатирани од протечен извештај во јавноста на Управата за јавни приходи за работата на Комисијата во 2016 година.
Според порталот Сдк.мк, кој тврди дека има увид во извештајот, во ревизорскиот извештај стои дека членовите на Антикорупциска рефундирале пари за јадење во ресторани во странство, еден член добил повеќе пари за изнајмување на стан отколку што навистина чинело изнајмувањето, некои прикажале повеќе километри отколку што реално поминале, а некои од членовите, иако биле во странство, поднесувале патни налози како да биле на седници на комисијата.
Претседателот на Антикорупциска, Игор Тантуровски за Телма, ја потврдил веродостојноста на податоците и изјави дека извештајот бил за интерна, а не за јавна употреба. Од Владата велат дека очекуваат членовите на Антикорупциска да го следат примерот на Државната изборна комисија и да понесат одговорност.
Владата бара одговорност
Од Владата велат дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои била утврдена таква состојба треба да понесат одговорност.
„Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите други јавни функционери како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа“ – одговорија од Владата за Макфакс.
Од Јавното Обвинителство соопштија дека по објавите во медиумите започнале процедура за можна корупција во ДКСК.
„Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција. Обвинителството презема дејствија за утврдување на факти во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции“ – соопшти Обвинителството.
Антикорупциска е невидлива
Поранешниот член на Државната комисија за спречување на корупција, Драган Малиновски, вели дека неправилности можат да се појават во сите институции, но одговорноста треба да се лоцира.
– Не е невозможно во Антикорупциска да постои корупција, сите институции кои вршат контрола и прогон се подложни на тоа и во нивни рамки да постојат неправилности – вели Малиновски.
Тој додава дека работата на комисијата е невидлива за јавноста, и препорачува моделот на комисијата да се промени, но и да се внимава на кадровските решенија.
– Не е видлив ниту учинокот на комисијата, ниту во делот на превенцијата, а ниту пак во репресијата. Може да се размислува за промена на моделот, тоа е отворено прашање. Меѓутоа, паралелно со законските измени, треба да се води сметка и за персоналните решенија, можете и совршен модел да воспоставете, но ако го пополните со несоодветен кадар, ќе има проблем – вели поранешниот антикорупционер.
За крај, Малиновски вели дека кадровската екипираност е проблем на сите институции во државата.
– Поставувањето на луѓе на челните позиции во институциите не е проблем само на Антикорупциска, туку генерално треба да се внимава, бидејќи очигледно дека тоа ја дава интонацијата за работата на институцијата – завршува Малиновски.
За стан исплатиле вишок од 2700 евра
Член на Антикорупциска, според извештајот, доставил барање за остварување на право на надомест за закупнина на стан и трошоци за комунални услуги. Комисијата за станбени прашања при Владата му го одобрила ова право, а Антикорупциска му одобрила 350 евра месечно, 250 за изнајмувањето на станот и 100 евра за трошоците. Но, членот на комисијата доставил договор за закуп во кој пишувало дека изнајмувањето на станот изнесувало 100 евра, а не 250, колку што му одобрила Антикорупциска.
Во извештајот бил посочен случај за еден член на комисијата кој поднел три патни налози во еден ист ден, патен налог за дневница за службен пат во странство, патен налог за посета на седница на комисијата со користење сопствен превоз и патен налог за службен пат во странство со сопствен превоз. Ревизијата утврдила дека времето на завршување на седницата на комисијата не се поклопува со времето кога антикорупционерот тргнал на службен пат.
Четири членови на Антикорупциска наплатиле за трошоци за храна преку приложени сметки за ресторантски услуги при патување во странство, иако при патување во странство, антикорупционерите добивале дневници од комисијата.
Земале дневница за патување во странство, односно, 50 отсто повеќе, плус и било платено ноќевањето, што значи дека тие 50 отсто поголема дневница би требало да им ги покриваат трошоците за храна но тие ги собирале фискалните сметки од рестораните и им биле рефундирани овие средства.
-„Во некои случаи констатирана е исплата на надоместок за службени патувања врз база на дупли сметки односно за ист вид трошок два пати е извршена исплата. А исто така во два случаи извршена е исплата по службено патување во странство по сметки од кои не може да се утврди за кој вид трошок е направена. Врз основа на овие трошоци за храна во ресторани и дупли сметки на 4 лица од ДКСК извршена е исплата на ненаменски средства во вкупен износ од 42.514 денари“, констатирал извештајот.
Ги „оддалечил“ Гостивар и Скопје
Ревизијата покажала дека некои членови на комисијата кои не живееле во Скопје во патните налози прикажувале нереални поминати километри за да стигнат до Скопје на работа и со тоа добивале повеќе пари за патни трошоци.
Член на Антикорупциска прикажувал 16 километри поголема далечина на релацијата Гостивар-Скопје-Гостивар, но само во еден правец.
Во извештајот е наведено дека се покажувале и повеќе километри за одење и враќање од скопскиот аеродром и по тој основ биле исплатени 24.259 денари.
„Се констатира дека налозите формално правно не се пополнети, односно нема датум за поднесок на патниот налог, потпис на подносител на сметка, одобрил ликвидатор, одобрил наредбодател, исплатил благајник и лице што примило надоместок, што укажува дека системот на внатрешна контрола за конкретните исплати не функционирала“, го цитира Сдк.мк извештајот на УЈП.
Стефан Атанасов, „Слободен печат“