Анкети: Над 70 отсто од Грците против терминот Македонија во името

263

Резултатите од две различни истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во весниците „Катимерини“ и „Прото тема“, покажуваат дека 71,7 проценти и 74,5 отсто од Грците не се согласуваат со име во кое би бил вклучен терминот Македонија, јавува дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот институт за истражување и анализа „Дианеосис“, под наслов „Што мислат Грците“, спроведе истражување во периодот од 16 јануари до 5 февруари, а едно од прашањата се однесува и на проблемот за името.

Резултатите ги објави весникот „Катимерини“, а прашањето било формулирано на два начини, суштината иста, но резултатите со разлика од 5,8 проценти.

Првата верзија гласела: „Во рамките на изнаоѓањето решение во прашањето на Скопје, Грција треба“:

– да не прифати сложено име што ќе го вклучува терминот „Македонија“, за што одговориле 65,9 проценти од анкетираните;

– да прифати сложено име што ќе го вклучува терминот „Македонија“, за што одговориле 27, отсто од испитаниците.

Во алтернативната формулација пред прашањето бил додаден делот: „По 25 години стабилна грчка позиција во прашањето за името, веќе целиот останат свет нашиот северен сосед го нарекува „Република Македонија“. Одговорите повторно се против терминот Македонија и тоа со поголем процент.

Грција да не прифати сложено име што ќе го вклучува терминот „Македонија“ одговориле 71,7 проценти од испитаниците, додека пак  24,6 отсто дека немаат проблем со сложено име.

Весникот коментира дека одговорот „не“ е толку силен што ги обединува речиси целосно оние што на референдумот во 2015 имаа спротивно мислење, односно ги обединува и поддржувачите на „не“ и поддржувачите на „да“.

Во второто истражување, спроведено од агенцијата „Marc“ за весникот „Прото тема“, меѓу другите прашања, анкетираните требале да одговорат и на тоа дали „Владата треба да го прифати терминот „Македонија“ во новото име на Скопје или не?“

Негативно одговориле 74,5 проценти, позитивно 21,8 отсто, а останатите 3,7 проценти рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат.

Анализирајќи ги резултатите, весникот коментира дека треба да се забележи дека против компромис со терминот Македонија се 63,5 отсто од гласачите на владејачката СИРИЗА.

– Одговорот „не“ е народен, бидејќи добива висок процент низ целата земја, независно од полот или возраста. За споредба, сепак највисок процент на оние што не сакаат компромис, среќаваме во областите Македонија и Тракија (80,5 проценти), на возраст меѓу 35-54 години (79,7 отсто) и кај жените (76 проценти), пишува весникот „Прото тема“, анализирајќи ги резултатите, пренесе МИА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...