Tреба да се определиме за похрабри чекори кон решавање на проблемите со животната средина, рече во своето обраќање денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на конференцијата ГРЕДИТ 2018: „Загаденоста на воздухот и нерегулирани депонии“ која се одржува на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Анѓушев во своето обраќање најави два чекора кои ќе ги преземе Владата за решавање на проблемот со депониите и отпадните води.
– Прв ваков чекор е да се реши проблемот со дивите, но и со организираните депонии на смет во државата. Во рамките на Владата се договоривме за организиран, регионален пристап кон овој проблем и затоа, ќе отвориме 4 регионални депонии, за собирање и преработка на сметот. Втор чекор е решавање на проблемот со отпадните води кои треба да се соберат во организиран канализационен систем и да бидат прочистени пред да се пуштат во природните води – рече Анѓушев.
Тој повтори дека парите кои беа планирани за изградба на карго аеродром во близина на Штип, околу 40 милиони евра, за кој нема финаниска исплатливост, ќе бидат пренаменети решавање на проблеми со животната средина.
Според Анѓушев, Македонија мора постојано да биде во тек со новите технологии и иновации, во секоја област, па и во екологијата и заштитата на животната средина, бидејќи светот брзо се менува.
Според Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет во Скопје, во Македонија се поставува добра практика во управувањето со отпадот. Направените анализи на количествата на отпад и на достапните и на исплатливите техники со кои треба да се управува овој процес покажале дека просекот и составот на отпадот во Македонија е ист како и во европските држави, но потребен е добар пристап со зелени технологии.
– Се надеваме дека во фазата на воспоставување на депониите ќе најдеме добри партнери и во Владата, општините и заинтересираните компании и ќе можеме да поставиме зелени технологии, наместо обични депонии. Граѓаните да разберат дека тоа се зелени оази во кои се создава енергија, а не се фрла ѓубре- рече Димитровски.
Таква е пораката и на потпретседателот на Балканската асоцијација за животна средина Џабер Занбак, кој вели дека техничкиот дел за отворање и управување на депоните е полесниот дел и оти ќе треба да се вложат напори во потешкиот, развивање на свеста на граѓаните дека треба да постојат и зелени депонии. Сепак, посочи, депониите не се крајно решение за управување со отпадот.
– Потребно да поставиме примарна и секундарна селекција и со тоа да го подигнеме нивото на работење со отпадот во Македонија- рече Занбак.
На конференцијата која ќе се одржува два дена ќе бидат презентирани преку 150 научни трудови на научници од 20 држави.