Анѓушев: Се анализираат придобивките од воведувањето повисок персонален данок

Ценам дека треба да водиме грижа за младите високообразовани кадри и да ги стимулираме да останат во земјава. Треба да се грижиме и за професионалната класа и да не ја оптоваруваме, како и да зајакне средната класа - потенцира Анѓушев.

196

Владата прави анализа за види кои ќе бидат придобивките од воведувањето повисок персонален данок за лицата кои повеќе заработуваат, најави денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

– Сметам дека треба да се направи математичка анализа и модел да се види кои ќе бидат придобивките од персоналниот данок што, секако, ќе се воведе на 18 отсто, но предмет на анализа треба да биде прагот. Таа анализа треба да биде издржана и во моментов не можам да кажам кој ќе биде прагот – изјави Анѓушев одговарајќи на прашање по состанокот на Бизнис клубот на општина Гази Баба на кој ги презентира мерките од Планот за економски раст.

Тој посочи дека сите бројки треба да се соопштат во јавноста одговорно и врз база на анализа која, како што кажа, во моментов се изработува во Владата.

– Кога ќе биде завршена анализата ќе биде кажана и бројката за прагот. Јас само отворив дилема дали 1.000 евра е можеби низок праг и дали можеби ќе ги дестимулира младите луѓе кои стигнале до таа плата. Ценам дека треба да водиме грижа за младите високообразовани кадри и да ги стимулираме да останат во земјава. Треба да се грижиме и за професионалната класа и да не ја оптоваруваме, како и да зајакне средната класа – потенцира Анѓушев.

Нагласи дека медиумите некоректно ја пренеле неговата изјава за прагот и ја претставиле како раздор во економскиот тим на Владата.

– Јас единствено кажав дека треба да се направи анализа за прагот. Повисокото оданочување на персоналниот данок треба да се воведе заради социјалната правда во државата. Луѓето кои земаат повисоки примања треба повеќе да бидат оданочени, бидејќи имаме голем дел од населението што се бори за дневна егзистенција и мислам дека треба да се направи некоја социјална правда во тој смисол- појасни Анѓушев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...