Анѓушев: Македонија е земја на знаење и технологија, а не на евтина работна сила

На годишно ниво ќе бидат потрошени 50 милиони евра за субвенционирање на индустрискиот раст кај приближно 7 000 домашни и странски компании.

114

Сите домашни и странски компании што ги задоволуваат условите ќе можат да добијат субвенции од мерките за економски раст изјави заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев во Отворено студио на ТВ Телма. Тој посочи дека субвенциите ќе следат откако инвеститорите ќе ги покажат резултатите.

– Овој закон не разликува мали и средни претпријатија, односно, тие не се исклучени од овој закон, независно дали имаат еден вработен или десет илјади вработени. Сите се опфатени, но, специјално за малите и средните претпријатија има трета група мерки кои одат како владина програма, не како закон и ќе бидат имплементирани преку фондот за иновативност. Ако во овој закон за секое претпријатие важи дека ќе добие поврат на инвестицијата од 10 отсто, мало и средно претпријатие коешто е брзорастечко ќе добие 30 отсто поврат на инвестицијата, а во тие мерки мало и средно претпријатие коешто ќе прави нов производ ќе добие поврат на инвестицијата од 70 отсто од трошоците за правење нов производ. Тоа е првпат малите и средни претпријатија да добијат конкретни пари за инвестиции и за правење нов производ. Преку оваа програма малите и средните претпријатија добиваат посебна и специјална помош – објасни вицепремиерот.

Според проекциите на мерките за економски раст, на годишно ниво ќе бидат потрошени 50 милиони евра за субвенционирање на индустрискиот раст кај приближно 7 000 домашни и странски компании кои ќе ги исполнуваат условите.

– Законот е наменет за реална економија, односно индустриски развој на државата. Ако Македонија досега беше рекламирана како земја за евтина работна сила, сега веќе не е така. Ние Македонија не смееме веќе да ја рекламираме како земја на евтина работна сила. Со овие мерки и условите кажуваме дека во Македонија има висококвалитетни кадри и каде може да се развиваат високотехнолошки производи и услуги – рече Анѓушев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...