Анѓушев: Имаме интерес за индустриска зона во Куманово

376

Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска изјави дека Владата има интерес за вложување во индустриска зона во Куманово и оти би можело да се очекува нејзино отворање следната година, на одбележувањето на 500 години од основањето на градот.

– За оваа година ќе гледаме да детерминираме некаде меѓу 90 и 100 милиони денари за подготовка на подземна инфраструктура и парцелизирање на индустриската зона, а следната година тоа би го завршиле. Мислам дека тоа ќе се поклопи со 500 години од постоење на градот Куманово, изјави вицепремиерот по денешната средба со кумановските стопанственици.

Куманово, според него, во минатото неоправдано било заспоставувано.

– Ние како Влада, ќе бидеме посветени не само во Куманово, туку во сите градови во Македонија да обезбедиме колку што може подобри услови, но ќе се задржам посебно во Куманово, бидејќи тука навистина има голем број на невработени, стапката на невработеност е голема, особено стапката на невработеност на кадар кој е со ниско образование и на тоа треба да поработиме, рече Анѓушев.

Куманово има потреба од развојно индустриска зона, вели градоначалникот на овој град Максим Димитриевски, кој потврди дека станува збор за зоната Новине и Речица, за чија изградба се потребни 4, 6 милиони евра. Засега, појасни, таму нема соодветна инфраструктура, има неколку продадени парцели, но се надева дека со етапно вложување во наредниот период, дел од оваа индустриска зона, наредната година ќе профункционира. Градот има исклучително добра местоположба каде се пресекуваат двата коридори и, според Димитриевски, поради тоа може да привлече странски инвестиции. Најави соработка со Владата за искористување на европски фондови за подобра инфраструктура.

– Целта на Владата и на општината е да се подобри бизнис климата, вели кумановскиот градоначалник, додавајќи дека Куманово има компании со реален капитал.

Вицепремиерот Анѓушев, изјави дека очекува од компаниите најмногу да ги искористат мерките кои што поддржуваат инвестиции, потенцирајќи дека компаниите кои ги задоволуваат условите ќе им бидат вратени 10 или 20 проценти од инвестираните пари од претходната година.

– Ги охрабруваме сите да инвестираат, бидејќи со инвестирањето се подобрува технологијата, со технологијата се подобрува конкурентноста, а со самото тоа и развојот на претпријатијето. И втората мерка која што очекувам да ја искористат е транспарентна, секој кој што ќе даде плата над 300 евра односно 18.000 денари или тоа е 50 проценти над минималната ќе биде субвенциониран со 20 проценти од нето платата, рече вицепремиерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...