Ангела Меркел во април доаѓа во Македонија

195

Нема потврда дали евентуалната посета на Меркел , освен со ит – самитот е поттикната и од потребата за олеснување на преговарачката мисија за името.

Германската канцеларка Ангела Меркел се очекува во април да дојде во Македонија, како гостинка на првиот Дигитален самит за земјите од западен Балкан чиј домаќин е токму нашата земја, дознаваме неофицијално.

На македонската покана, од кабинетот на Меркел, наводно како што дознаваме, потврдиле дека ќе има претставник од Германија на овој исклучително важен настан, а со оглед на тоа што вчера германската канцеларка по повеќе од четири месеци политичка криза успеа да постигне договор со Социјалдемократската партија на Мартин Шулц за состав на нова коалициска влада, не е исклучено на ит – самитот да присуствува токму Ангела Меркел, за која се вели дека  е вистински лидер во слободниот свет и жена политичарка која  трае подолго од цела генерација светски лидери.

Високи владини претставници деновиве брифираат дека кон крајот на преговорите за решавање на спорот со Грција се очекува да се вклучи и некој тешкаш од меѓународната заедница за да помогне во окончување на проблемот, но немаме потврда дали станува збор за Ангела Меркел и дали евентуалната нејзина посета на Македонија, освен со ит – Самитот е поттикната и од потребата за олеснување на преговарачката мисија за името.

Меркел, како што велат политичките аналитичари, е препознатлива по методичкиот и прагматичен пристап на решавањето на проблемите, отколку по говорничките флоскули и далекусежните политички визии, а нејзиниот коалициски партнер Шулц за неа вели дека е политичарка со „хируршка прецизност, но и студено пресметлива.

Првиот Дигитален Самит за западен Балкан ќе трае два дена, а ќе почне на 18 април, велат за Плусинфо од Министерството за информатичко општество и администрација. Ќе бидат опфатени неколку теми – Дигитални мрежи и услуги, поврзување и пристап, доверба и безбедност, дигитални вештини и дигитална економија и општество. Овие теми, како што претходно изјави Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација ги обединува дигитализацијата, четвртата индустриска револуција каде неизбежен дел се и лажните вести за што ќе биде организирана посебна работилница.

Се очекува македонскиот Самит да биде предвесник на нови можности и перспективи во дигиталниот свет, а во контекст на воспоставувањето единствен дигитален пазар кој пак е врвен приоритет на  ЕК за периодот 2015-2019.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...