Разбирливо, реакциите на објавата на некои детали за најновата безбедносна операција на криминалното крило на ВМРО-ДПМНЕ, под оперативно име „Аналитичко-безбедносна мрежа“, предизвика значителни јавни реакции. Убаво, тоа беше и намерата.
За да се види сериозноста и темелноста на целата операција којашто, во моментов, наводно доставува аналитички материјали до неколку странски амбасади за да ја дезавуира Владата на Зоран Заев, моите новинарски извори се согласија да ми предочат еден список на теми кои ги обработила оваа Мрежа во последните месеци, а од чии наслови лесно се гледа тематскиот и политичкиот опфат на нејзината аналитичко-безбедносна работа.
Добро, насловите не се многу инвентивни, повремено се прозаични и дескриптивни (баш, онака, џандарски!), некои личат како да се излезени од дијалогот на некоја Нушиќевска комедија, но сепак прават едно добро исцртување на „хоризонтот“ што се анализира…
Еве (кај некои, со краток опис на „инкриминираните“ дејствија во заграда): „Државен секретар – Здравство“ и „Заменик министер – Здравство“ (информации за наводни рекети); „Работа во Влада“, „Илегална коцка“ (кочанско-струмичка врска), „Агенција за обезбедување П“, „Пат во Амстердам“, „Царина Гевгелија“, „Царина Струмица“, „РЕК Битола“, „Компјутери – ДМ“ (ова „ДМ“ е Дамјан Манчевски), „Пат во Шангај на МВР/БЈБ“, „Центар Југ“ и „Центар Север“ (маркици за градба), „Карпош 5“ (маркици за градба), „Струмица трансфер“ и „Кавадарци трансфер“ (финансиски трансфери за преземања на фирми), „Кинески договори“, „Први набавки“, „Тендер без тендер“, „Скопска швалерка“ и „Новата девојка“ (пикантни фотографии), „Развод“, „Раствор“ (увоз на брашно од Србија за потребите на некои млинови), „Лекови“ (медиумски кампањи за уништување на конкуренти – некаква турска фирма – во бизнисот со лекови), „Седенки“ (цело досие од фотографии на разни сегашни функционери кои седат со бизнисмени и „двигатели“ од претходната власт)…
Како што се гледа, работата на новата власт темелно се следи, се анализира и се документира, а потоа и се дистрибуира (за сега) до „странска“ дипломатско-безбедносна публика. Прекрасно!
Дополнително, за подобро да се сфатат вистинските намери на оваа „Аналитичко-безбедносна мрежа“ – патем, поделена во три целини и раководена од нешто што се нарекува „Јадро“, ама за тоа другпат – треба да се спомене дека во изминативе 2-3 месеци аналитички е „прочешлан“ и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Особено е анализирана неговата работа во ЕЛЕМ и каде постојат „спојки“ меѓу неговата работа и работите и договорите што ги правел неговиот претходник. Наводно, и повеќе други функционери на таа партија (Милошоски, Бичиклиски, Пешевски, Чинговски, Јанакиески и др.), како и оние „метафорирани“ како „ножињата забиени во грбот на Груевски“, биле темелно обработени, за, како што велат моите извори, „Не дај Боже!“. Сепак, примарниот мотив за таквиот детален „надзор“ е – некој од тие „ножиња“ да не се пријави за заштитен сведок во СЈО!
Впрочем – ова многу наводно, бидејќи и мене ми звучи претерано! – СЈО е под 24 часовен мониторинг (вклучувајќи и видео), со пара-цајкански тимови на терен кои секојдневно работат во неколку смени. Таква чест, наводно, добиле и некои судии и обвинители.
Сега, се поставува прашање, што да се прави со оваа Мрежа?
Од една страна, таков капацитет за следење и анализа нема ниту една невладина организација во Македонија која копнее да ја контролира работата на една власт. Не верувам дека и некои контролни државни механизми (Јавното обвинителство, на пример) располагаат со таков стратегиски и тактички, оперативен капацитет…
Од друга страна, Мрежава, ако се разбираме, не е направена од демократски, туку од криминално-одмазднички (а, секако, и пазарџиски) побуди – што ќе рече, длабоко антидемократски.
Затоа, најубаво е тие да си работат, а јас ќе продолжам да ја информирам јавноста за нивната работа. Така, можеби, криминалните мотиви на Фамилијата ќе ги „еманципираме“ за некакво општо добро во државава, за од украдените стотици милиони наши пари сите по малку да видиме ќар.
А Заев и компанија – нека му ја мислат!