Анахрон модел

Може некој да замисли што би направил еден МНТ, на пример, со добро раководство ама и со милион евра спонзорство од еден од главните финансиери на македонскиот ракомет? Чуда! Или какви изложби би гледале низ Скопје и Македонија со истото тоа количество пари во само два-три наши музеи?

794

Што имаме денес во поглед на финансирањето на културата? Па имаме во сила еден „модел“ воведен пред некои петнаесеттина и повеќе години кој што, во поглед на претходната пракса, изгледа дури и современ. Ама не е, се разбира, според онаа (не само моја!) теза дека ние (не само во културата) доцниме зад светот добри половина век. Значи, тој „модел“ за нас е современ, или „современ“, ама за европски услови е целосно анахрон. Како впрочем и сѐ друго во нашата култура.

Елем, денес имате можност званично да барате пари во културата само еднаш годишно! Ако не добиете – а тоа се случува многу често – ќе чекате уште една година. Што можеби и не е толку страшно, ама сепак е крајно ограничувачки, и непотребно. Ако пак ви искрсне сериозен проект вон временската рамка во која што се објавува тој фамозен годишен конкурс, нема помош. Пак ќе го чекате конкурсот, идниот. Или, можете сепак интервентно да побарате пари од Министерството за култура, ама таму имаа доволно претходно отпечатени одговори со изветвената формулација дека сте го пропуштиле рокот на конкурсот, парите се веќе поделени, бла, бла, бла … и ќе ве откачат ко тринаесето прасе. Ова, се разбира, ако не сте им по ќеф на тамошните структури, а повеќето македонски културњаци не беа. Ако сте им по ќеф односно ако сте им партиски, пријателски или којзнае како блиски, тогаш можете и да се надевате дека ќе успеете. (И да, се согласувам дека туку-така не искрснуваат сериозни односно значајни проекти баш преку ноќ. Ама сепак – се случува. И повторно ќе останете со кратки ракави). Оттука, едно од можните идни решенија во оваа насока би било (барем) повеќекратна шанса – неколку конкурси во тековната година – кои што, прво, ќе го растеретат притисокот што се создава со само еден конкурс, и второ, ќе отворат повеќе канали за финансирање, особено на неинституционалната култура.

Од друга страна, а бидејќи веќе ја спомнувам институционалната култура, целосно е нелогично националните институции – и за ова сум пишувал повеќе пати – да се јавуваат на некакви конкурси, наместо нивното финансирање да се решава договорно и експертски, тет-а-тет со надлежните во Министерството за култура. Брзо и ефикасно, на задоволство на двете страни. Притоа, отворени се и сите можности за ефективен договор околу евентуалните „спорни“ или недоволно јасни програми / проекти, па и доза на балканско „пазарење“, ако сакате. Но, што е поважно, со тоа ќе се избегне и небулозното „комисиско“ надгласување за програмите на националните институции, најчесто од некомпетентни луѓе.

Но, во суштина, тоа се само модалитети на, повторно, еден (за)стар(ен) систем каде што државниот орган – Министерството за култура – се бави ем со политиките во културата ем со парите. Вообичаено за нас, но тоа така веќе не оди. Токму затоа во европските напредни демократии се воведе фондовското финансирање, издвоено од досегот на влијанието на политиката. Не идеализирам и не мислам дека и таму не се случува повремена политизација или притисоци во финансирањето. Ама сепак, тоа се исклучително ретки „инциденти“ кои што најчесто завршуваат со – оставки! Ако се обзнанат во јавноста, се разбира. Затоа тамошните политичари дополнително внимаваат на „врските“ со парите. Се разбира, ни фондовското финансирање не е без мани. Барем кај нас, зашто сетете се што се случуваше цели десет години со Агенцијата за филм (првично замислена токму како Филмски фонд): целосно партизирано чекмеџе за делење на (огромни) пари на партиските пулени и симпатизери, на пријател(к)и на пуфлата или фирерчено итн. Стотици милиони фрлени во ветар! Што пак ќе рече дека ние и нашиот менталитет умееме да искривоколчиме сѐ, дури и најдобро замислениот систем знаеме да го приватизираме до бесвест и од него да направиме лична / групна прчија. Но тоа, се разбира, не треба да биде пречка барем да размислуваме за можните промени, во подобра насока!? А сепак, наинтересно е што тој фондовски систем не е непознат ни во македонската култура. Тој, имено, е истиот оној сиз-овски систем воведен од средината на седумдесеттите, па сѐ до почетокот на деведесеттите. И функционираше речиси иделано. Ама „експерти“ од типот на Кљусев, Грозданов и компанија, со пустиот страв од албанскиот фактор, укинаа (и централизираа) сѐ!

И бидејќи веќе претходно го спомнав Коџабашија, неговото европско искуство е безмалу непроценливо за нас. Ако сакаме да го користиме, се разбира. Но, тој знае да спомне и крајно „еретички“ идеи за финансирањето на институциите за кои што, овде, ако човек ги каже јавно и гласно, ќе го турат на клада. А Никола вели (отприлика): а што би фалело ако дури и националните институции, особено оние на кои не им оди баш најдобро, бидат во мешовита соственост: на пример 51% на државата и 49% на приватен капитал? Па така еден МНТ да биде притискан од „акционерите“ да прави подобра програма, да ангажира подобар ансамбл … итн.? Чудно, нели? Дури непојмливо за наши услови – важна национална институција, ама во мешовита сопственост? И, молам, не го мешајте ова со некаква можна комерцијализација на институциите. Која што, впрочем, и не е некаков бауч, туку многу  често е и посакувана. Но не како единствена ориентација, се разбира. А едновремено, таква „мешовитост“ се спомнува и во актуелната Национална стратегија за културниот развој кај нас во наредните пет години. Па, можеби, некогаш ќе стане и реалност?

Или, ако сакате, барем јас никогаш не ја разбрав огромната разлика во привлекувањето спонзори помеѓу спортот и културата. Добро, и тоа е прашање на афинитет, ама ни јас немам ама баш ништо против врвниот спорт. Кој што ние го немаме, нели. Ама сепак дел од големите македонски фирми истураат камиони пари во фудбалот, ракометот, кошарката … со минимални повратни резултати. Може некој да замисли што би направил еден МНТ, на пример, со добро раководство ама и со милион евра спонзорство од еден од главните финансиери на македонскиот ракомет? Чуда! Или какви изложби би гледале низ Скопје и Македонија со истото тоа количество пари во само два-три наши музеи?

 

извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...