Академиците ќе градат став за јазиците: Не смееме да бидеме индиферентни!

393

Академик Катица Ќулавкова денеска предложи МАНУ на посебна седница да изгради став за новиот Закон за употреба на јазиците и со него потоа да оди пред јавноста, во функција на давање стручен и научен совет за едно, како што рече, суштествено прашање како што е јазикот, интегритетот и унитарноста на државата.

– Покажана е една висока индифирентност, рамнодушност или атараксија спрема едно клучно прашање за кое и МАНУ на времето е основано и за кое Република Македонија како држава е основана, а тоа е функцијата на македонскиот јазик и на македонската нација. Сметам, врз основа на компаратаивни анализи, дека новиот закон го ревидира статусот на македонскиот јазик предвиден со Уставот на Република Македонија, го доведува во прашање и предизвикува ситуцаии во кои ќе биде загрозено и правото и должноста на секој македонски граѓанин, независно од етничкото потекло, да го употребува македонскиот јазик – рече Ќулавкова.

Академик Милан Ѓурчинов смета дека ние имаме две капитални прашања за кои можеме, како што рече, да водиме жестока битка. Едното е спорот со името со Грција и новиот Закон за употреба на јазиците.

– Ние си играме со најделикатните чувства на припадниците на овој народ. Вие треба просто на овој народ, од кого сме избрани, кратко и јасно да му кажете ставот на МАНУ е овој. Немаме моќ да влијаеме на високите политички инстанци, но ставот на МАНУ останува и тој мора да се знае прво, да биде јасен, прост јазик изразен и тоа останува аманет од МАНУ. Само така може да имаме углед меѓу луѓето и народот – нагласи Ѓурчинов.

Академик Луан Старова посочи дека материјата е сложена и оти ние не би можеле, како што рече, главечки да влеземе. Додаде дека важните социјални проблеми во врска со јазичната материја се на дневен ред.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити во своето експозе се осврна на основната дејност, работата и реализираните проекти во 2017 година. Конципирањето на Нацрт-програмата за работа на МАНУ во 2018 година, како што рече, поаѓа од два основни постулата.

– Прво, фокусирање врз реформските приоритети во различните области на науките и уметностите содржани во нашиот документ „Приоритети на идниот развој на Република Македонија“ и второ, потрага по одговори за новите предизвици на времето во кое живееме и работиме-посебно оние поврзани со идејата за изградба на нов и обединет Балкан и со забрзување на нашите евроатлатнски интеграциски процеси – рече Фити.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...