Ахмети не седнува на маса со Заев, Законот за јазиците е завршена работа

Од ДУИ ја потсетуваат СДСМ дека без договор за закон за албанскиот јазик ќе немало ни владина коалиција, ни Влада.

4482

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети не седнува на маса со владиниот партнер и премиер Зоран Заев за Законот за јазиците, брифира за Плусинфо висок функционер на ДУИ. Ова значи дека ќе нема лидерска средба меѓу Ахмети и Заев на која тема би билe Законот за јазиците и како да се излезе од ќорсокакот во Собранието.

За да се најде решение за 35.000 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците , Заев ќе треба да седне со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, но не и со Ахмети, бидејќи за лидерот на ДУИ ова прашање е затворено.

– Законот за јазиците е затворено прашање за ДУИ уште при формирањето на Владата. Овој Закон е столб на владината коалиција. Законот ќе биде донесен многу скоро, со поддршка од СДСМ и тоа во форма како што веќе е изгласан во Собранието, бидејќи таков е договорен со партијата на Заев при формирањето на Владата. Нема промена на нашите позиции, односно ќе нема амандманска расправа за законот-вели за Плусинфо висок функционер на ДУИ.

Од ДУИ ја потсетуваат СДСМ дека без договор за закон за албанскиот јазик ќе немало ни владина коалиција, ни Влада.

Од партијата на Ахмети велат дека е погрешна тезата дека Законот за јазиците ги кочи реформските процеси, коментирајќи ја информацијата дека СДСМ бара време за да се најде решение за законот, со цел да не се изјалови поддршката за реформските закони од ВМРО-ДПМНЕ, на која работат работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

-Тоа е погрешна теза. Законот за јазиците не е кочница на реформските закони. ВМРО-ДПМНЕ треба да ги поддржи законите кои се од реформската агенда, а за кои е потребно двотретинско мнозинство во интерес на државата – вели функционерот на ДУИ.

Законот за јазиците ја предизвика и првата посериозна криза во владината коалиција, по неуспешен обид за продолжување на собраниската седница за тоа законско решение. Претседателот на Собранието, Талат Џафери кажа дека немало доволно гласови за да продолжи постапката, бидејќи некои од пратениците на СДСМ се изјасниле дека нема да гласаат за законот.

Тој рече дека е подготвен да закаже уште една седница на која директно ќе се гласа за донесување на Законот за употреба на јазиците без притоа да се прифати разгледување на 35-те илјади амандмани. Џафери додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има право на процедурална забелешка и предупреди дека Собранието не смее да биде заложник на никого.

Џафери им даде една недела на партиите да најдат решение, затоа што можностите што тој ги имал како претседател се исцрпени.

И покрај несогласувањата во врска со решението за над 35.000 амандмани и според Џафери и според Заев владејачката коалиција не е загрозена.

.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...