Агенцијата за медиуми најмногу пари ќе потроши за плати

98

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), најмногу пари во 2018 планира да потроши за плати – 35 отсто од вкупно планираните расходи за годинава. Покрај нив, 7 отсто испланирала за надоместоци за членовите на Советот, за интелектуални услуги ќе потроши речиси 16 отсто, а со 6,5 отсто од вкупните расходи во текот на оваа година ќе враќа кредит.

Кога се во прашање приходите односно парите кои ќе ги собере АВМУ во текот на 2018-та година, вкупната сума изнесува 114.725.000. Тоа е за над 9 милиони денари помалку од лани.

Најголем дел – 46,7 отсто ќе ги инкасира од медиумите за дозволите за работа, додека од државниот буџет ќе земе за нијанса помалку, 46 отсто.

Анализата на приходите и расходите на Агенцијата за медиуми, е дел од Петтиот мониторинг извештај за работата на АВМУ и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), кој се однесува на последниот квартал од лани (октомври-декември).

Мониторингот се однесува и на транспарентноста, независноста и ефикасноста и на јавниот интерес.

Извршната директорка на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова, која е и еден од авторите на извештајот, посочи дека АВМУ покажала солидно ниво на транспарентност, промовирала тријазична интернет-страница за медиумска писменост, но забележа дела се дони со подготовката на новата стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност.

Една од причините, како што рече таа, е изборниот циклус во 2017, па стратегијата остануа приоритетна задача за оваа година.

На настанот се дискутираше и за новиот закон за медиуми, за којшто заврши јавната расправа и сега е во собраниска процедура.

Забелешките на АВМУ, кои меѓу другото се однесувале за кадровските промени и финансирањето, не биле земени предвид.

Добро е, посочија на презентацијата, тоа што се дозволи постојните претседател и членови на Советот да можат да поднесат кандидатури и за новиот избор кој треба да следува според новите законски прописи.

Извршниот директор на Центарот за развој на медиумите, Дејан Георгиевски, посочи дека е добро што конечно законот ќе влезе во Парламентот и ќе се добие барем нешто, но нагласи оти е потребно да се продолжи со реформи затоа што една од главните цели е на крај да се добие вистинско регулаторно тело кое треба да биде единствено што ќе носи одлуки.

Презентацијата на извештајот за мониторингот на АЕК и АВМУ ја организираа Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...