Општина Аеродром ќе донира 30 илјади денари во Женскиот фонд наменет за жртви на насилство кои сакаат да ја напуштат насилната средина.
Акцијата за собирање средства е организирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство на ниво на целата држава по повод Денот на жената – 8-ми Март.
„Главна цел на акцијата е да го сврти вниманието кон семејното насилство и да ја поткрене јавната свест за ова прашање. Првичната помош вклучува храна, облека и медицинска документација за жените кои ги напуштаат насилните средини. Меѓу другото за нив се обезбедуваат извештаи од специјалисти и помош за ангажирање адвокат до моментот на добивање бесплатна правна помош“, соопшти Општината.
Аеродром во февруари потпиша Меморандуми за соработка со Телото на Обединети нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и со Националниот совет за родова рамноправност. Целта на оваа соработка е да изградиме општина со еднакви можности за сите, со фокус на родовата еднаквост, како и родовото одговорно буџетирање.