Адам Загајевски од Полска добитник на „Златниот венец“ на СВП 2018

Автор е на 13 поетски книги, но е и есеист, прозен писател и професор по филозофија. 

142

Адам Загајевски од Полска е годинашен добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, соопшти Дирекцијата на СВП денеска на прес-конфренција. Високото признание на 73-годишниот поет ќе му биде врачено на 57-то издание на поетскиот фестивал кој се одржува во август.

Роден е во 1945 во Лавов (тогаш во Полска, денес во Украина). Автор е на 13 поетски книги, но е и есеист, прозен писател и професор по филозофија. Во 1970-тите бил поврзан со независното книжевно движење, а во 1982 се преселил во Париз. Во 2002 Загајевски се вратил во Полска и сега живее во Краков.

Претседателката на Управниот одбор на СВП Елизабета Шелева рече дека Загајевски е едногласно избран за годинашен лауреат, дека е еден од водечките гласови во современата светска литература и автор кој ужива неподелен углед меѓу најрелевантните имиња во современата поезија и критика, поттикнувач на зголемен интерес кон творештвото на источноевропските и словенски писатели.

– Тој се смета за дел од полската генерација ’68 или полскиот „Нов бран“ во литературата, но неговото авторско писмо искажува една самосвојна позиционираност и автентична црта… Суптилно проткаена, со присуството на длабока медитативност, себезапрашаност, склоност кон филозофска контемплација, притоа постојано отворена за новите потраги, себепреиспитувања… – рече Шелева соопштувајќи ја одлуката на Управниот одбор и Уметничкиот совет на СВП.

Осврнувајќи се на биографијата на полскиот поет, директорот на СВП Мите Стефоски рече дека Загајевски првпат стекнал слава во источноевропските книжевни кругови со неговите критики кон полските поети од претходната генерација.

– Како член на книжевното движење наречено „Нов бран“, тој тврди дека поезијата треба да ги опфаќа социјалните и политичките потреби на денешниот ден… Со почетокот на неговиот егзил во Париз од 1982 до 2002, Загајевски го започнува она што Адам Кирш го нарекува неговиот „лет од историјата“. Тој станува сè позагрижен за одредување на мисија за поезијата, која ќе ја опфаќа политиката, но нема да ѝ служи – рече Стефоски.

Во писмото по повод неговиот избор за лауреат на СВП, Загајевски вели дека никогаш не бил на струшкиот фестивал, но дека не треба да се биде физички присутен таму за да се знае, како што вели, легендата за тој фестивал и за таа награда.

– Поетите се комплицирани луѓе, но не е точно дека исто така немаат сосема обични, човечки емоции. Затоа нема да кријам: оваа награда претставува огромна чест за мене, ми носи радост, се радувам дека ете и јас од овој миг ќе фигурирам помеѓу поетите – многумина веќе преминале на оној свет – на кои им се воодушевувам, на кои не им сум достоен. За среќа, никој сам не си доделува награди и мораме да им веруваме на тие кои пишуваат до нас добри зборови. Му благодарам на жирито, им благодарам на поетите на Македонија – пишува Загајевски.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на соопштувањето на одлуката рече дека му е особено драго што годинава лауреатот доаѓа од, како што рече, „нашата пријателска Полска, со која имаме долга и одлична традиција во културната соработка која постојано се надградува“.

– Во тој контекст, сметам дека изборот на одборот за доделување на „Златниот венец“ ќе им даде уште еден, дополнителен импулс на нашите културни врски. Адам Загајевски е веројатно најпознатото име во светот на поезијата од Полска заедно со она на Часлав Милош, преведуван и објавуван на повеќе јазици и во значајни литературни списанија. Светот на неговата поезија неизбежно се врзува и со некои наши општествени дилеми, особено со присутноста на минатото во сегашноста и емотивните состојби на личноста во свет кој е меѓу реалноста и сонот – рече Алаѓозовски, нагласувајќи дека Загајевски заслужено влегува во плејадата великани – носители на оваа награда.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...