А верува ли Заев во нас?

И политички и човечки, Заев може да ја преживее изјавата на Милчин дека не верува повеќе во него. Може да нѐ преживее сите што го критикуваме и што сме незадоволни. Но, Заев нема да преживее ако не верува во нас, ако го сврти грбот и ако продолжи како ништо да не се случило.

10195

Се сеќавам, на времето, во разни пригоди, а најмногу во предизборните кампањи, стариот лисец Киро Глигоров, византиецот Бранко Црвенковски и безопасниот Борис Трајковски, повторуваа една иста, чудна реченица – верувам во Македонија! Признавам, што би рекол Владе Милчин, дека од тогаш, па сѐ до денешната тешка изјава Милчинова („Не верувам веќе во Заев“), не ја разбирав суштината на тоа навидум бесмислено изразување доверба на политичарот во својот народ и во својата држава.

Си мислев, белким треба да е обратно, нели. Белким треба народот да верува во своите политичари. Каква смисла има лидерот да каже дека верува во Македонија? Во која држава треба да верува? Во Србија, во Бугарија, во Албанија? Во кој народ, ако не во својот? Така мислев (а веројатно и сум пишувал) тогаш. Денеска, меѓутоа, ја сфатив површноста на мојата банална логика.

Имено, изјавата на Милчин длабоко, навистина многу длабоко ме замисли. Ме потресе дури. Милчин не е човек што пресудува лесно. Не е лицемер што ќе се воздржи да ти го тупне в лице она што го мисли, но пет пати мери пред да пресече (јас, на пример, бројам до два ипол – рас, два и тупете!). Не, моите сомнежи не се поврзани со Владета. Ниту со неговите мотиви. Мојата голема, страшна дилема е – Заев. Нашиот Заев. „Бомбашот“ Заев. Јунакот Заев.

Што ли помислил Заев кога ги прочитал тие три страшни реченици, потпишани од човекот кого со право (ќе повторам по којзнае кој пат) го сметаме за икона на отпорот, за неформален водач на граѓанскиот бунт против ненародниот режим на Груевски?

Да се разбереме, не сум наивен. И политички и човечки, Зоран Заев веројатно има сила, а можеби и легитимно право, да ја преживее изјавата на Милчин. Заев е политичар избран од народот, Милчин тоа не е. Во „преживувањето“, на Заев можеби можат да му помогнат повредената суета, лутината дека ја губи довербата на своите некогаш најверни поддржувачи, подбуцнувањата од дечурлааната собрана околу него, коментарите на куртоните и оберкуртоните… Сѐ е можно. А во политиката сфатена како еквивалент на најстариот занает на светот, сѐ е и легитимно.

Во крајното исходиште на оваа теза, Заев може да нѐ преживее сите коишто го критикуваме, може да ги толкува нашите мотиви, може да ги бара и да ги наоѓа во „бомбите“ и после во петардите на куртоните, може да ја презира нашата одмереност и да ја мрази нашата неумереност, со еден збор – може да не ни верува. Можно е дури и никогаш да не ни верувал. За сите нас, апологетите и оберкуртоните утре можат да кажат дека сме акнале со главите во пајакот и со тоа пропагандниот наратив да заврши, а тие на власт да продолжат да живеат долго и среќно до крајот на… не, не до крајот на животот, умре тоа другари, само до крајот на мандатот.

Елем, вистинското, големо и страшно прашање, многу поголемо и пострашно од она што го загатнува Милчин, е следново – верува ли Заев во нас?

Верувал ли некогаш Заев во искреноста и во добронамерноста на Милчин? Верува ли сега, после оваа изјава? Верува ли во мене, во тебе, во сите нас кои се боревме да го урнеме режимот на Груевски (додека дел од пиарчиите, дел од новите кадри некадарни и оберкуртоните, не само што ја преспаа битката, туку беа на другата страна), а денес сме незадоволни?

Верува ли Заев дека сме незадоволни и несреќни затоа што не се остварија нашите соништа да видиме една многу, ама баш многу поинаква власт од онаа што заеднички ја урнавме? Верува ли Заев во нас, кога ние не веруваме во пропагандните бајки што ги произведува неговата машинерија? Верува ли Заев во нас, кога ние го повикуваме да се врати дома, да си зачисти во дворот, да си ја врзе марвата и да ѝ даде од заслужената помија, наместо нас да нѐ убедува во неверојатни апсурдни прикаски и од нас да бара безусловна поддршка за сѐ и сешто?

Накусо, освен во своите најблиски соработници, освен во оние со кои братски го дели колачот на власта, освен во луѓето што му ги скицираат и му ги продаваат бајките (сѐ потешко и сѐ понеуспешно), освен во своите платени апологети, освен во куртоните и во оберкуртоните, верува ли Заев (сѐ уште) и во нас, кои не веруваме дека магарињата летаат и кои немаме образ да го тврдиме спротивното?

И ете, токму тука, се враќам на почетокот на приказнава – има ли храброст Заев денес да каже дека верува во Македонија? Бидејќи Македонија сме и ние што сме лути и разочарани, Македонија се и Мицковски и неговата екипа, Македонија се и тврдокорните и будалетинките, Македонија е еден народ кој ќе верува во Заев, само ако Заев – ама искрено, а не лицемерно, со дела а не со зборот негов, кој не испадна баш секогаш збор! – навистина верува во неа.

А ако Заев, не дај боже, не верува во нас, тогаш тој не верува ни во себе. Е дури тогаш имаме голем, огромен, можеби дури и нерешлив проблем.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...