Градоначалникот Петре Шилегов денеска ги додели наградите на најдобриот пожарникар, полициски службеник и крводарител во Скопје за 2018 година. Тројцата добија признание и десет илјади денари.
– Хуманоста е општествена вредност. Таа е дел од нашите принципи и од нашата етика. Скопје е Град на солидарноста и како таков ги негува традициите на хуманост и солидарност кон сите оние на кои им е потребна помош. За таа цел Град Скопје дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела и доделува награди за најдобар полициски службеник, пожарникар и крводарител. Сметам дека оваа награда освен за лична мотивација ќе послужи и како добар пример во средината во која живеете и работите – рече Шилегов.
Награда за најдобар пожарникар доби Елвис Далипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а награда за најдобар полицаец доби Бранимир Китановиќ, вработен во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје.
Третата награда ја доби Тони Ставревски, истакнат крводарител, кој до својата 50-та година има дарувано крв 102 пати.