Министерката за правда, Рената Дескоска, ќе добие инструкции да го отвори прашањето во Судскиот совет што го покрена американскиот амбасадор Џес Бејли во писмото пратено до претседателите на судовите, со кое бара од нив да не ја посочуваат Амбасадата за одговорна за одлуките што ги носат за притворите и пресудите – порача денеска премиерот Зоран Заев од собраниската говорница.
– Судскиот совет сигурно ќе донесе одлука. Ако имало таква работа, да се посочи и да се понесе одговорност. Ако немало, да биде начисто Америка преку својот прв репрезент – американскиот претседател, бидејќи кога зборува амбасадорот, зборува земјата. Тоа е доволен сигнал да преземеме одредени дејствија и анализи за да видиме што е во суштина причината да дојде до такво писмо – рече Заев, одговарајќи на пратеничко прашање.
Истакна дека веќе му наложил на неговиот советник за надворешна политика, Дане Талески, да контактира со заменик американскиот амбасадор.
– За писмото од амбасадорот Бејли разбрав од медиумите и сум загрижен од позитивен аспект. Му наложив на советникот за надворешна политика Дане Талески да се сретне со заменик амбасадорот за да добиеме дополнителни појаснувања и уверувам дека до утре ќе ги добиеме. Амбасадорот Бејли не е во земјава и веројатно заменик амбасадорот може да објасни, но ако не, тогаш кога амбасадорот ќе се врати околу нашите божикни празници, директно ќе разговарам со него – рече Заев.
Самиот чин на испраќање на писмото, смета Заев, треба да не загрижи сите.
– Не ги знам деталите и каде е сомневањето што амбасадорот Бејли го нотира во писмото. Повеќе ја сфатив пораката да се испрати до правосудството и да не се вадат на Амбасадата при носење на одлуките. Амбасадорот го има тоа неколку пати кај мене номинирано, кај шефот на опозицијата и кај други политички претставници. Јас сум еден од сведоците дека и во времето на Пржинскиот договор се зборуваше дека Американсата амбасада тоа го наметнала, ЕУ го наметнала, а сите знаеме дека ние ги носевме одлуките, а од нив баравме да бидат медијатори – рече Заев.