На вчерашната седница на Советот на Град Скопје се усвои одлуката за нова вредност на бодот, конкретно за пресметување на платите на вработените во ЈП „Комунална хигиена“, информираше директорот на претпријатието Абдусамед Шабани на денешната прес-конференција по повод една година од стапувањето на функцијата.
-Екипите на ЈП „Комунална хигиена“, седум пати неделно, во три смени, го собираат и го транспортираат комуналниот отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, како и од речиси 600 стопански субјекти, со цел хигиената и чистотата во градот Скопје да се подигне на највисокото можно ниво. Само во изминатите 12 месеци тие собраа и транспортираа вкупно 140.809 тони комунален отпад. Собраниот и транспортиран отпад во 2018 во однос на 2017 година е зголемен за 2.612 тони или 1,74 отсто – рече Шабани.
Тој наведе дека во изминатата година спроведувале низа акции за генерално чистење на сите скопски општини, засилени активности за чистење на Кејот на реката Вардар и рачно миење на поголемите булевари и улици во градот.
Шабани информира дека со своите специјални возила, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје на граѓаните им ја нуди услугата за собирање и транспорт на електронската, електричната опрема и застарениот мебел од нивните домови.
-Но, она што е особено значајно да се спомене е дека претпријатието им овозможува на граѓаните без плаќање паричен надоместок самите да го депонираат овој вид отпад во нашите Центри за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, како и во претоварната станица во Шуто Оризари – рече директорот Шабани.
Тој нагласи дека на подрачјето на градот Скопје во текот на изминатите 12 месеци расчистиле и подигнале 5144 кубни метри отпад од диви депонии.
Изминатава година, рече тој, нашата Служба за хуман третман и контрола залови 1182 бездомни кучиња од скопските улици што се транспортирани во стационарот „Вардариште“, а 854 од нив биле медицински третирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити, вакцинирани од беснило и стерилизирани, вкупно 147 од овие кучиња се вдомени за време на престојот во нашиот Стационар.
Директорот Шабани најави за следната година што ќе ги оствари ЈП „Комунална хигиена“, а кои ќе бидат во соработка со Градот Скопје.
-Во тек е набавката на новите 450 нови контејнери кои ги немаме во нашите микро локации во Градот Скопје, кои ќе бидат со зафатнина 3.2 м3 и 2.2 м3 – рече Шабани.
Тој најави дека ќе набават и 490 нови корпи за отпадоци, но и четири нови комунални возила што ќе бидат специјални за овие садови за собирање на отпадок.
-Во 2019 ќе набавени нови садови со зафатнина 5 м3 наменети за собирање на индустрискиопт отпадок на правните субјекти.
Шабани изјави дека и во иднина ќе настојуваат за подигање на јавната свест кај граѓаните, но и да работат како што работеле досега со основните и средните училишта.