Уште денеска ќе проверам дали има некое слободно место за дочек на Нова Година во хотел „Мериот“ во Скопје. Таму ќе слави друштвото на победниците во Македонија! Ќе свират пет оркестри, од маријачи до чалгии, ќе пее половина македонска естрада, бројот на печени прасиња ќе го надмине количеството на расположливи јаболка што треба да им се загризат во муцките, а вискито што ќе се пие во хектолитри ќе биде постаро од возраста на женското друштво за танц…
Ќе биде гламурозно како во холивудските филмови за прохибицијата, а смеењето и пеењето ќе ечи до Собрание, ако не и до Бихаќка!
Ќе трае таа прослава барем неколку дена, иако потоа ќе мора да се прогласи фајронт и да се помине на опсежните подготовки за уште поголемата свеченост и забава по повод приемот на Македонија во НАТО. Да, да, и таа официјална прослава, адекватно, ќе се случи во победничкиот „Мериот“. На неа само Мицкоски нема да биде поканет, оти остана единствениот цврсто на позициите против македонската евроатлантска интеграција, додека целата победничка, бивша, елита од неговата партија ќе биде во вториот ред, веднаш пред редот за дипломатскиот кор, а зад местата резервирани за функционерите на владата на СДСМ. На славеничките гушкања и здравици ќе им нема крај, ќе свират три воени блех-оркестри, ќе пеат Здравко Чолиќ и Цеца, а и Али Ахмети ќе сврти една шота, па што сака нека биде, бидејќи Македонија ќе влезе во НАТО!!!
Во таквата славеничка атмосфера главната тема на весели заебанции ќе биде онаа кукавица што пребега во Будимпешта, бидејќи не издржа да поседи овде уште некоја недела, за и тој, славно, да седне на почесно место во салата, како што им доликува на сите кои дадоа голем придонес за гласањето на македонскиот пат кон Брисел. Вака, тој заслужено ќе влезе во историјата на срамот, заедно со Игор Југ, Дурловски и Латас, кои сакаа да го блокираат големиот македонски процес за национално помирување.
Дали на тој список од предавници ќе се најдат и имињата на Рускоска и Кацарска најмногу ќе зависи од нивното лично поведение. Ако се паметни, и за нив ќе се најде некое столче во „Мериот“, кон излезот за случај на пожар, веднаш до вратата кај што ќе седи Хорхе, преправен во конобар.
Чудесии! Хепи енд каков што малкумина можеа да претпостават. А почна како вистинска драма, со елементи на напнат трилер. Вешто водена од режисерската рака, приказната полека се разви во мелодрама, со многу емоции и неизвесности. За на крај да заврши како комендија, вистинска балканска патрдија, во која секој со секого се целива и се потплеснува по газот.
Браво, Македонија помирена, членка на НАТО!
***
Се извинувам, имам само едно процедурално прашање: Откако ќе ја покриеме со армирана бетонска плоча, дебела десетина метри, правната држава во Македонија со тоа што ќе ги ослободиме од обвиненија, од затвор, од притвор и од натамошни истраги сите криминалци во државава кои имаат некаков политички контакт (макар и со очи, на разминување!) со г. Зоран Заев, а во Грција – ете, не дај Боже! – се случи некаква компликација, па нивниот дел од Договорот од Преспа да не помине, со што ќе пропадне целиот план за наш прием во НАТО и ЕУ, дали сега ослободените криминалци ќе си останат на слобода, со сите материјални и нематеријални бенефити стекнати од нивните криминални активности?
Само прашувам, за да знам како да честитам во „Мериот“…
Извор: Цивил медиа