Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК поднел барање за амнестија. Адвокатот на Атанасовски, Јордан Апостолски за весникот „Независен“ потврдил дека барање доставил и екс директорот на УБК.
Апостолски вели дека со оглед на тоа што неговиот клиент е во притвор во затворот во Шутка, не успеал да се види со него и да се консултира, па барањето го поднел без негова дозвола, за секој случај. Адвокатот очекува да се видат утре и ако не се согласува со барањето, тој ќе го повлече.
Атанасовски беше приведен на барање на обвинителката Вилма Русковска по сведочењето на браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои во својата одбрана обелоденија дека упадот во Собранието го организирале структури од Управата за безбедност и контраразузнавање, на чие чело тогаш беше Атанасовски. Обвинителството го гони за кривично дело здружување заради непријателска дејност.
Владимир Атанасовски беше поставен за директор на УБК во септември 2016 година, по оставка на тогашниот директор Сашо Мијалков и ја извршуваше таа функција до јуни 2017 година.