Македонски партии и фракција, магаре и музика

Искуства Во македонското општество е речиси невозможно да се дозволи фракционерско дејствување, а низ годините може да преброите на прсти колку лидери сме имале на главните политички партии. Во албанскиот блок нема позначајна промена, додека во македонскиот блок, на двете најголеми партии имаме по двајца до тројца лидери, објаснуваат експертите.

373

Треба да се официјализира фракционерството во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а новиот партиски лидер Христијан Мицкоски треба да го исполни ветувањето дека ќе го усогласи статутот со статутите на сестринските партии од Европската народна партија во кои фракционерското дејствување постои како опција, побараа членовите на ФРОДЕМ и на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Тие истакнаа дека отсега ќе настапуваат заеднички како фракција на најголемата опозициска партија, а како што велат, на нивна страна се и неколкумина пратеници, голем дел од месните комитети, како и општинските организации. Реформистите и членовите на ФРОДЕМ сметаат дека на овој начин ќе ѝ помогнат на партијата да стане вистинска и реална опозиција, бидејќи како што посочуваат, сегашното партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ е сочинето од заробеници на поранешните партиски водачи. Како што соопштија иницијалната каписла за формирање фракција се случила откако биле избрани претседатели на општински комитети по стариот принцип, додека тие се залагаат за новини при изборот. Политичките аналитичари, пак, тврдат дека македонското општество и политичките партии не се подготвени да дозволат фракционерско дејствување внатре во партиите, бидејќи велат дека тоа е добро за демократијата, но дека нема да се случи додека партиите не се демократизираат однатре.

Се според Статутот, а Статутот недемократски

Претседателот на ФРОДЕМ, Јове Кекеновски, вели дека неговото движење е формирано согласно партискиот статут, а како што објаснува, целта на ваквиот начин на дејствување е да ѝ се помогне на партијата најбрзо што може да ги консолидира своите редови.

– Најнапред да стане вистинска и реална, а не фиктивна опозиција. Партијата ќе има свои конкретни ставови, принципи, идеологија и политика и за најкратко можно време со ново и демократско избрано раководство од членовите на партијата да се врати како победник на политичката сцена. Целта ни е партијата својата енергија да ја насочи во одбрана на интересите на граѓаните на Македонија, а не истата да ја губи во пазарења со политичкиот ривал за ослободување или амнестија на оние кои сториле криминал и зло – вели Кекеновски.

Тој објаснува дека приоритет за една државотворна партија се националните и државните интереси, а не заштита, уцена и пазарење за ослободување на сторители на кривични дела.

– Постоењето на динамична политичка сцена со променливи меѓупартиски нелогични јавни и тајни сојузништва и партиски договори и преговори спротивни на идеолошките определби на партијата, претставуваат мотив за официјализирање на фракцијата – изјави Кекеновски.

Пратеничката од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска, пак, побара јавно од лидерот Мицкоски да го промени статутот, како што најавувал по неговиот избор, а како што вели пратеничката, на тој начин ќе се овозможи незадоволните членови во партијата да може да дејствуваат како фракција.

Засега не е познато кој друг ќе членува во оваа фракција на ФРОДЕМ и на дел од реформаторите, а исто така опозициската ВМРО-ДПМНЕ не излегува со официјален став дали Мицкоски ќе дозволи фракционерство.

Реформисти и автократи во кохабитација

Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе направи промени на партискиот статут, но во моментов статутот сè уште не е сменет и не дозволува фракции, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

– Тие можат да направат фракционерството да биде легално со тоа што ќе го избришат членот од статутот кој забранува фракции, но сето тоа е политички стигматизирано. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е авторитарна партија, па не верувам дека членовите на ФРОДЕМ и реформаторите ќе најдат комотна позиција за да кохабитираат – објаснува Арсовски.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски во изјава за Радио Слободна Европа вели дека во македонското општество е речиси невозможно да се дозволи фракционерско дејствување.

– Сите години наназад може да преброите на прсти колку лидери сме имале на главните политички партии. Во албанскиот блок, освен ако не се тргне од некоја тешка болест или смрт, немаме позначајна промена. Во македонскиот блок, на двете најголеми партии имаме по двајца до тројца лидери. Тоа значи дека кај нас партиите сè уште се доминантно водени од човек-поединец, кој околу себе има пет до десет блиски соработници кои се апсолутен доминус во партијата, а тоа општеството го поддржува – вели Дујовски.

Дека засега нема простор и демократски капацитет во ВМРО-ДПМНЕ за да се дозволи фракционерство се согласува и професорот Јонус Абдулау. Тој вели дека причината поради која тоа ќе биде тешко остварливо е едноумието кое владее во партијата.

– Политичките партии кај нас се поврзани околу лидерот, па затоа ние имаме султан-партии. Штом лидерот заминува, тогаш на негово место ќе дојде друг кој ќе ги преземе овластувањата од претходникот. Нема простор за различни мислења кои не се совпаѓаат со мислењата на лидерот или тие што се околу него – вели Абдулау.
Според него, фракционерството во Македонија ќе победи во моментот кога партиите внатре ќе се демократизираат и ќе завладее атмосфера во која ќе има натпревар на идеи и мислења.

(Објавено во Слободен печат)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...