Во насока на реализација на програмските цели и задачи на Стопанската комора на Македонија, поефикасно извршување на активностите за унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото и поттикнување на конкурентноста кај компаниите – членки, Комората го продолжува процесот на континуирано унапредување на своето работење, соопшти Комората.
– Во таа насока, во органите на Комората се приклучуваат менаџери и стопанственици кои со своите професионални квалификации, стручноста, деловното искуство и ентузијазам, ќе придонесат за постигнување на овие цели. Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на „НЛБ Банка“ АД – Скопје, како нов потпретседател на Стопанската комора на Македонија, како и Сашко Самарџиоски, генерален директор на „Прилепска Пиварница“, Гоце Вангеловски, генерален директор на „Кроација осигурување – Друштво за неживотно осигурување“, Катерина Бошевска, генерален директор на „ЕОС Матрикс“ и Нина Ангеловска, основач и директор на „Групер“, како нови членови на Управниот одбор на Комората, стои во соопштението.
Со нивното именување во органите на Комората, Стопанската комора на Македонија го потврдува своето позиционирање како најголема и најзначајна бизнис асоцијација во државата, насочена кон процесите на извозната диверзификација, модерната реиндустријализација, дигитална трансформација и унапредување на иновативноста, како процеси кои сметаме дека треба да го поведат економскиот раст на земјава.