Игор Југ негира дека бил суден за силување, убиство и дрога

551

Со гледање ЦД снимка доставена како дополнителен доказ од одбраната на обвинетиот Игор Југ заврши денешното рочиште во Кривичен суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

На видео снимката се гледа прес-конференцијата на сослушаниот сведок Дамјан Манчевски од 30.04.2017 година на која тогашниот пратеник вели дека нарачателите и директните извршители на обидот за убиство во Собранието ќе одговараат за се што сториле. Покажува фотографии од напаѓачите на пратениците.

– Ова на сликата е Игор Југ со усташки симболи претседател на таканареченото патриотско здружение “Владо Георгиев Черноземски” суден за силување, обид за убиство и дрога – вели Манчевски и покажува две фотографии од Југ првата со Никола Груевски од 2003 година, а втората од 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија.

Обвинетиот Југ рече дека никогаш не бил суден за силување, обид за убиство или дрога, а најголема навреда му било што се велело дека носел усташки симболи. Нагласи дека не е претседател на ниту едно македонско патриотско здружение. Тоа, како што кажа, било почетокот на фабрикувањето дека станува збор за човек ѕвер, манијак и убица кој може се да направи по налог на некого.

– На 27 април носев маица со натпис ХОС што значи Хрватске одбранбене снаге, а натписот “За Дом спремни” е вообичаено прифатен во Хрватска и не навредува ни една нација. Тоа се симболи под кои загинаа илјадници хрватски бранители. ХОС е составен дел на хрватските оружени сили и не е паравоена организација – рече Југ.

Со тоа заврши доказната постапка за предметот. Следното рочиште е закажано за 15 јануари идната година кога треба да почнат завршните зборови за судењето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...