Центрите за транзиција, што веќе постојат во МО и во АРМ, ќе бидат пренаменети во Центри за поддршка на семејствата на припадниците на армијата кои заминуваат во мировни мисии со цел да им се олесни и да им се даде помош додека нивните најблиски се далеку од дома.
Ова го порача денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска која заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, се сретна со семејствата на македонските мировници кои се дел од мировните мисии во Авганистан, БиХ и во Либан.
На децата на мировниците на средбата која што се одржа во Домот на АРМ им беа поделени новогодишни пакетчиња.
– Оваа година беше многу важна за Македонија, за Министерството за одбрана, за АРМ. Имавме навистина голем број средби. Првпат во историјата ни се случи генерален секретар на НАТО двапати да ја посети Македонија. Имавме две официјални средби со американскиот државен секретар за одбрана. Имавме средби со министрите за одбрана на Германија, Франција…И тоа покажа дека АРМ и МО одат напред. Но, ако ги анализираме секои средби кои имав чест како министер за одбрана да ги остварам, средбата која ми остави најголем впечаток беше посетата на вашите најблиски во Кабул, а средба на која што сите сме најемотивни е денешната со нивните семејства – порача министерката Шекеринска.
Таа нагласи дека семејствата ќе имаат можност да поразговараат со претставници на МО и да кажат на кој начин може да им се помогне додека нивните блиски се наоѓаат во мировна мисија. Преку видео конференциска врска беше воспоставен контакт со припадници на АРМ кои учествуваат во мировните мисии, при што Шекеринска обракајќи им се, им се заблагодари за нивниот придонес што го даваат во мисиите и им порача на семејствата на оние кои неодамна заминаа во мисијата во Авганистан да бидат силни додека нивните најблиски се отсутни и додаде дека наскоро се очекува враќање на претходната ротација некаде по Божик.
Генерал мајор Ѓурчиновски истакна оти првпат се организира ваков настан, средба со семејствата, и оти во иднина ќе се направат обиди тој традиционално да се одржува.
– Чест ми е во присуство на вашите најсакани да му оддадам признание на професионализмот и резултатите кои ги постигнуваат во мировните мисиии. Продолжете достоинствено и мотивирано да ги претставувате интересите на вашата земја. Бидете горди дека во овој историски момент кога Република Македонија е на прагот на НАТО вие ја имате таа улога моментално да бидете со нашите партнери од НАТО – порача Ѓурчиновски.