Дури 15.000 деца во Скопје на возраст до 14 години не се вакцинирани против мали сипаници и други заразни заболувања, а и покрај епидемијата од морбили која е прогласена во скопско Радишани, малку деца биле однесени на вакцинација по апелот од здравствените власти. Против морбили во овие неколку дена се заштитиле само 16 деца од градинката и 12 од училиштето во населбата. А вчера е пријавен уште еден заразен со морбили – братче на веќе заболено дете од Радишани.
Овие алармантни податоци беа соопштени на денешната прес-конференција во Министерството за здравство, по епидемијата на мали сипаници која беше прогласена во минатата недела, а има веќе седум заболени – шест деца и еден возрасен, кој е родител на едно од заболените деца. Во 4 пункта во Скопје деновиве вонредно биле вакцинирани вкупно 220 деца.
Поразителни се резултатите кај децата родени лани во главниот град – повеќе од половина од нив не се вакцинирани, а третина од оние кои се само една година постари не се заштитиле од заразни болести.
Епидемиолозите предупредуваат дека е најнизок опфатот со прва доза на МРП вакцина во општините Центар, Карпош и Аеродром, каде речиси половина од децата не се вакцинирани.
– Мали сипаници се многу заразно заболување – дури 9 од 10 лица кои биле во контакт со заболено лице, може да се инфицираат од ова заболување, кое се пренесува и по 2 часа откако заразеното лице ќе ја напушти просторијата! Загрижува посебно нискиот опфат кај предучилишните деца, каде од 39.009 деца (родени во период 2013-2017), дури 11. 256 (29 отсто) не се вакцинирани. Родителите треба да ја разберат сериозноста на ова заболување бидејќи постојат сериозни услови за ширење епидемијата во Скопје и во останатите градови во државата и навреме да ги заштитат своите деца со вакцина – рече д-р Владимир Микиќ од Институт за јавно здравје.
Центарот за јавно здравје–Скопје со тимовите од вакциналните пунктови при здравствените домови, од 21 до 24.12.2018 година извршиле контрола на 100.000 картони за проверка на МРП вакцинацијата кај децата од 12 месеци до 14 години во Скопје.
– Откога е пријавена епидемија на морбили во општината и покрај нашите настојувања одѕивот не е голем – вакцинирани се 16 деца со МРП вакцината, а од училишните деца во тоа подрачје вакцинирани се само 12 од 62 невакцинирани. Во моментов се пријавени 7 лица со морбили во Радишани, а вчера е регистрирано уште едно дете од истата градинка, со клиничка слика на морбили, за кое се чека лабораториска потврда – рече д-р Билјана Даниловска од скопскиот Центар за јавно здравје.
Посочи дека Таа информираше дека највисок процент на вакцинација со МРП вакцина е во општина Сопиште каде нема невакцинирани деца и во Шуто Оризари со 9,07 отсто невакцинирани.
– Иако кај училишните деца ситуацијата е подобра, од 65 806 деца од 1 до 9 одделение, невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 3.728 деца, загрижува податокот дека невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 20 отсто од првачињата. о одделение. Со возраста расте и опфатот со вакцинацијата и кај децата од 5 до 9 одделение, каде се невакцинирани помалку од 5%.
За тоа дали ќе има и построги казни, како кривични пријави, спрема оние кои не ги вакцинираат децата, проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, не можеше прецизно да одговори.
– Работната група формирана од министерот за здравство ги разгледува можностите во законската регулатива за правото на заштита на децата од заразни заболувања, со цел соодветна имунизација и нивна навремена заштита. Здравствените тимови ќе ги посетат градинките и училиштата, а најголем дел од родителите имаат прашања и дилеми во однос на вакцинацијата. Апелот наш е родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа да заштитат своите деца, бидејќи вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници – нагласи д-р Грозданова.