Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК) вчера до претседателот на Собранието Талат Џафери поднел предлог за покренување граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво. Референдумското прашање гласи: „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“ на кое што граѓаните треба да одговорат дали се „за“ или „против“.
Иницијативата за задолжителен референдум за името е поддржана од Движењето „Бојкотирам“.
Според Петров, предлогот за собирање 150.000 потписи е единствениот правен инструмент што го дозволува Уставот, а со чија реализација може да се суспендира Спогодбата со Грција и измените на Уставот, државата да си го сочува уставното име, но и идентитетот на нацијата. Тој истакнува дека одлуката на овој референдум е задолжителна, за разлика од консултативниот на 30 септември.
Петров за Плусинфо објаснува дека според Законот за референдум само Собранието распишува задолжителен референдум за целата територија на државата по сопствена иницијатива, но и на предлог на најмалку 150.000 граѓани. Граѓанската иницијатива на државно ниво се покренува по предлог на 100 граѓани, а зад иницијативата на која Петров е овластениот предлагач стојат 130 граѓани. Според законските рокови, собранискиот спикер е должен најдоцна до утре да се изјасни дали е уредно стокмена поднесената иницијатива. Сообранието, пак, е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот да донесе одлука за распишување на референдум. Откако, одлуката за распишување на референдум на државно ниво ќе се објави во Службен весник, граѓанското изјаснување треба да се организира во рок од три месеци.
Петров, како овластен предлагач очекува во рок од три дена да добие одговор од собранискиот претседател, затоа што верува дека иницијативата е стокмена со сите нишани, настрана што според законот собранискиот претседател е должен да ја стави иницијативата пред пратениците на првата собраниска седница, зотоа што Собранието распишува референдум на државно ниво по предлог на најмалку 150.000 граѓани.
– Прашањето е прецизно формулирано и недвосмислено, за разлика од референдумското прашање на 30 септември – вели Петров, кој е оптимист дека иницијативата ќе добие поддршка од 150.000 граѓани, ако се имаат предвид резултатите од, како што вели, „неуспешниот референдум на кој бојкотираа речиси две третини 1.139.992 или 63,11 отсто, од вкупниот број запишани избирачи (1.806.336)“.
Според Петров, Собранието треба да ја прекине постапката на уставни измени, додека не се објават конечните резултати од референдумот, кој треба да се одржи наредната година. Тој вели дека Спогодбата Димитров-Коѕијас и според домашното и според меѓународното право е ништовна и не произведува правно дејство, дури и да биде објавена во Службен весник.
-По референдумот на 30 септември 2018 година и Државната изборна комисија соопшти дека не се усвои одлуката за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО и Спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. За жал, марионетската Влада на Зоран Заев и оваа одлука на референдумот не ја испочитува, во намерата да се смени името на државата и идентитетот на нацијата – вели Петров.
На нашето прашање зошто ваква иницијатива не беше покрената пред да се одржи референдумот, и дали не станува збор за задоцнета иницијатива за зачувување на името на државата, со оглед на тоа што во текот на јануари уставните измени според преспанскиот договор влегуваат во завршница, Петров потсетува дека Светскиот македонски конгрес претходно поднел иницијатива до Уставниот суд за поништување на Одлуката за распишување на консултативниот референдум на 30 септември 2018 година.
– За жал, Уставниот суд на 19 септември 2018 година се прогласи за ненадлежен и не поведе постапка по иницијативата. Поднесовме иницијатива до Уставниот суд и за поништување на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради спроведување на Спогодбата Димитров-Коѕијас. За жал, Уставниот суд на 12 декември 2018 година повторно се прогласи за ненадлежен и ја отфрли и таа иницијатива – потсетува Петров.