Неколку лица се повредени на денешните насилни протести на плоштадот Краина во Бања Лука меѓу полицијата и граѓаните. Медиумите од регионот пренесуваат дека судирите се случиле кога полицијата го отстранила споменикот на убиеното момче, Давид Драгичевиќ.
Семејството на Драгичевиќ ја обвини полицијата дека се обидува да ја прикрие истрагата за убиството на нивниот син.
Полицијата им забранила на сите да се доближат до местото на кое се наоѓа слика од убиеното момче Давид Драгичевиќ, која припадниците на градската хигиена подоцна ја отстраниле од Плоштадот Краина.
На протестите на семејството на Давид им се приклучила и опозицијата, која претходно најави масовни протести кога полицијата го уапси таткото на Давид, при што му ја скршиле и раката.
Тогаш настанала масовна тепачка меѓу насобраните протестанти со полицијата.
На плоштадот има дваесетина припадници на специјалната полиција на Република Српска.
Полицијата на Плоштадот ја уапсила и Сузана Радановиќ, мајката на убиеното момче, а според последните информации, таа се наоѓа во семејната куќа која полицијата ја претресува.
Давид Драгичевиќ е убиен во март годинава под неразјаснети околности.