Уште елка ни фали да ја украсиме, и по некој лампион, па и во нашиот дом-контејнер во Визбегово да ја пречекаме Новата година. А и Дедо Mраз веројатно ќе помине и оттука и нема да нѐ заборави нас, бездомниците, зашто и ние децата во овие привремени живеалишта сакаме пакетчиња, играчки, чоколади. Можеби за некоја година да ни донесе и стан, се надеваат Али, близначките Сара и Семра, кои се меѓу 50-те деца кои со своите родители од ноември се сместени во Прифатниот центар за бездомници во скопско Визбегово.
И покрај студот, новите станари во 14-те контејнери еден по еден вчера излегуваа да ѕирнат кој пред Нова година дошол да ги посети.
– Тука во новото сместување ни е убаво, фала му на Бога што сме тргнати од студот. Топло е, чисто, имаме и кујна и дневна соба. Не се споредува со тоа на Поткале што беше, таму живеевме на картони. Само ни треба работа, еве јас не бирам, буквално сѐ би работел – во Комунално или на друго место, само да донесам пари за децата да ги израснеме. Од сите други услови тука сме задоволни – раскажува 30-годишниот Перхан Емин, еден од бездомниците кој со семејството е во центарот во Визбегово.
Постарото цица, помалото братче на вештачко млеко
Додека неговата 22-годишна сопруга Рамиза го пиеше кафето надвор пред вратата од новото живеалиште, со цигара во едната рака, со другата го крена поголемото, 2-годишно девојче, да го надои… Се пошегувавме дали доењето го регулираат на „Мој термин“, мислејќи дека цица и помалото синче Семирсан кое за неколку дена ќе наполни една година, но тие со одговор:
– А не, тој не цица, пие од другото млеко – вели Рамиза.
Ова семејство в година треба да добие и надомест за трето дете, бидејќи мајката е веќе бремена по третпат, што беше еден од условите за оваа придобивка, која е веќе укината, тие да може да ја искористат.
– Не сум била на гинеколог уште. Има време, ќе одам. А добро е што тука имаме машини за перење алишта, па нам жените ни е многу полесно отколку да се мачиме и на рака самите да переме секој ден алишта. Задоволни сме што ни даваат пелени за децата. А храна самите си готвиме, што имаме тоа се јаде. Важно тука се стопливме, иако уште не го забораваме студот кој ни влезе в коски од претходните места каде што бевме сместени – вели Рамиза.
Повеќето од семејствата си ги доопремуваат живеалиштата, си купиле рисивер, теписи, едно семејство набавило и лап-топ. Иако привремени, за дел од семејствата овој престој е траен додека не најдат друго сместување.
Близначките само петки редат
Весна и Орхан од НВО „ЛИЛ“, кои секој ден се грижат овој центар без проблеми да функционира, раскажуваат дека 27 деца одат во училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шутка, и тоа организирано со комбе. Еден родител е дежурен и постојано оди со нов.
– Децата се навистина за пример, еве близначките Сара и Семра се одлични, а и другите добро учат, засега не прават проблеми на школо. Тие беа и многу дисциплинирани и без збор ја следеа претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на која ги однесовме минатиот вторник. Се чудеа и во Драмскиот театар, зашто другите деца често се немирни во театар – раскажува Весна Илиева.
Освен нив двајца и вработените во Центарот за социјални работи, за овие бездомници се грижат и активистите од РЕЦ „Амбрела“.
Во Центарот во Визбегово се сместени 10 ромски семејства со по пет и повеќе деца, а вкупно се 80 лица. Тие се преселени од Поткале предминатата година, а една година престојувале во Јавната установа „Ранка Милановиќ“.
Помош за лични карти и за здравствени книшки
В.д. директорката на Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи на град Скопје, Наташа Станојевиќ, вели дека за да остварат некакво право од социјална заштита и овие лица прво треба да имаат документи.
– За тоа и за другото се грижат и нашите две социјални работнички кои секој ден доаѓаат во овој центар. Им помагаме да извадат од лични карти, до здравствени книшки. Повеќето имаат и здравствено осигурување, а еден дел веќе добија еднократна парична помош од 4.000 денари, другите во јануари, а аплицираа и за парична помош. Исто така посредуваме при вработување на овие лица, а во тек е постапката со која тие се повикуваат на разговор за преквалификација или доквалификација за да станат активни баратели на работа – вели директорката Станојевиќ.
Таа додава дека за децата се обезбедува и училишен прибор.
– Овој тип на сместување им следува на оние кои немаат каде да живеат, а тоа го проверуваме на лице место преку адресата што ќе ја наведат – вели таа.
Министерството за труд и социјална политика ги подмирува сите режиски трошоци и во овој центар за бездомници, каде самите корисници се грижат да си обезбедат храна.
Има куќен ред во центарот – сите мора да се вратени до 22 часот, а по две опомени може да се изгуби правото на сместување.
– Исто е и ако родителите не ги носат децата на училиште или ги запоставуваат, и тогаш го губат правото на привремено сместување. Но засега сите се добри и го почитуваат редот и немаше инциденти – вели таа.
Од 30 деца, само едно со мобилен
Детскиот џагор и безброј новогодишни желби нѐ испратија од центарот во Визбегово.
Иако беше многу студено, Али, Семра, и другите деца играаа „компанија“ во дворот за да изберат кој ќе „лежи“ на играта Анино Јанино.
– Ги играме сите игри, од жмурка, до Анино Јанино, Камај… Ама прво нѐ тераат да научиме за утре, па после одиме надвор – ни рече 7-годишниот Али.
Весна од „ЛИЛ“ додава:
– Овие деца растат без мобилен телефон, интернет и други современи средства за комуникација. Од 30 деца, можеби само едно има мобилен теелфон – вели таа.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека за обезбедување засолниште, покрај капацитетот на Центарот за лица бездомници Скопје, се користат и постоечките капацитети на установите за социјална заштита кои во моментов се неискористени.
– Во зимскиот период надворешната температура е ниска и има опасност по животот и здравјето на овие лица. Доколку забележат лице бездомник граѓаните можат да пријават на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733 – потсетуваат од Министерството.
Фото: Арбнора Мемети, „Слободен печат“