Да се служи на вистината а не на групата или на јавното мислење

1515

Арсим Зеколи објави твит, по повод анкетата на Телма и на МЦМС во кој вели дека, Зоран Заев бил особено свиреп кон мене. Имено, преку одбрани имиња, Телма покажала кој е вистинскиот претседателски кандидат. Ако проценката на мојот пријател е точна, сакам да му одговорам дека Заев можеби бил свиреп кон своите сопартици, ако им кревал лажни надежи или кон својот албански коалициски партнер чие мислење го игнорирал, но не и кон мене.

Ниту лично го познавам, ниту премиерот и претседател на СДСМ е мој должник. Тој е на чело на една партија, јас стојам сам. Нашите ситуации и нашите патишта се сосема различни. Да објаснам. Во еден посебен емотивен момент, пред тринаесет години, ја опишав мојата борба и меѓу другото, реков дека „…како човечки суштества, ние сме распнати помеѓу желбата да припаѓаме и потребата да бидеме свои.

Ако се определиме да припаѓаме, ризикуваме морално да се корумпираме прилагодувајќи ги сопствените идеали на потребите на групата. Ако, пак, ги отфрлиме нејзините вредности кога се во конфликт со нашата совест, ризикуваме и самите да бидеме отфрлени од групата. Изборот е наш. Групата дава сигурност (дава и награди!), но припадноста кон неа го зголемува ризикот да се инфицираме со интелектуална нечесност, зашто политиката само укажува на гревовите на „другата страна“. Меѓутоа, да се стои сам е тешко, а ако чувствувате должност пред народот, на моќта да и одговорите со вистината, ризикувате острахизам. Се разбира, не протерување од градот на дваесет години, како во Античка Грција, туку самоисклучување од политичката забава. Зашто, да не заборавиме на старата мудрост за поповите кои се замонашуваат заради доброто вино во манастирските подруми, која подеднакво важи и за оние во политиката.

Мој идеал секогаш биле луѓе кои чувствувале морална одговорност за своето поведение и за поведението на целото општество. Тоа се оние чудни луѓе кои животот го посветиле на потрагата по општото, а не по личното добро. Совеста на овие истакнати поединци, во критични моменти, не ретко, била последната брана против уште една од низата трагедии на човештвото. За кави трагедии зборувам? Зборувам за трагедиите кои се последица на стравот, незнаењето и лудилото на масите, но кои не се случиле токму заради совеста на овие доблесни луѓе. На секое здраво општество му се неопходни луѓе способни да гледаат потака од моментот и кои можат да го покажат патот кој води надвор од загадената атмосфера на интригите и махинациите на пакосните мали луѓе. Што повеќе ги има тоа подобро за општеството. Луѓето кои и служат на вистината, а не на групата или на јавното мислење, имено, се претходницата на општеството која предупредува на опасностите кои стојат на нашиот пат кон слободата…“. За таквиот „извидник“ нема дилема  дали јавно да ја каже вистината за она што го видел, независно од личните последици. Најмалку, пак, на неговото поведение може да влијае било каква политичка функција.

Она што јас го видов и го соопштив во текстот „Сите наши несреќни претседатели“, е дека партиите, па и општеството во целина, треба да соберат сила и да ја прекинат праксата на избор на претседател кој го дели општеството, за да можеме, обединети, да се посветиме на  остварување на нашите стратешки цели, меѓу кои спаѓаат и демократските реформи. Така, имено, ја разбирам идејата за консензуален претседателски кандидат. Се разбира, и за такви промени е потребен навремен консензус помеѓу власта и опозицијата, а не правилата на игра да се менуваат во последен момент од страна на оние на кои тоа им одговара. Наместо тоа, партиите се спремаат, како што гледам, за уште една битка за власт преку која ќе ја спасуваат демократијата едни од другите!? Не знаат дека демократија како систем не може да постои без партии кои соработуваат за најбитните работи на општеството. И, секако, кои меѓу себе се контролираат. Ако не знаат и не сакаат да знаат, би рекол еден мој пријател од странство, чија демократија е во неволја денес, тогаш меѓу себе нека се уништуваат додека не им дојде памет во глава. Што добива општеството од таквата „демократија“? Па, добива што заслужува, но барем „стравот го чува лозјето“: страв, не од демократскиот систем на checks and balances за што е потребен заеднички координиран напор, туку од взаемното уништување и фрлање во затвор.

Она што години наназад ме загрижува е состојба на духот кај интелектуалците, состојба на духот која игнорира и, така, омаловажува.  Просто не можам да си објаснам каква сила им ги држеше устите затворени на водителката и на тројцата учесници во двочасовната емисија Топ тема,  да не го спомна фактот дека, ете, претседател на една албанска партија, за прв пат во нашата политичка историја, излезе со име на Македонец за консензуален кандидат, кој, пак, не е дел од анкетата.  Некој, алудирајќи на нашата политичка и интелектуална клима, потсети дека влегуваме во кинеската година на свињата. Година на свињата? Во мислите, зборовите ме враќаат назад дваесет и пет години, на дијалог со мојот  професор кој, сочувствувајќи со моите политички маки, истите оние кои и денес ја мачат македонската политика, ме предупреди со цитат од Библијата:

„Не им го давај тоа што е свето на кучиња,

ниту ги фрлај своите бисери пред свињи,

за случајно да не ги изгазат со своите нозе, да ти се свртат тебе и да те

искинат на парчиња“.

Иако се чувствувам неудобно кога слушам вакви споредби, и не само заради фактот дека односот кон животните е променет од времето на Исус Христос, кажаното го разбрав како комплимент. Но, не го послушав мојот професор. Ја продолжив својата борба до ден денешен, на начин кој го опишав погоре.

Извор: Инбокс7

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...