Истекува рокот за аплицирање за добивање финансиска поддршка на производителите на ориз и оризова арпа, на произведени и предадени градинарски и овошни култури во преработувачки капацитети, како и за производителите на органски земјоделски производи, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Пет денари по килограм ќе добијат земјоделските стопанства што имаат засеани и ожнеани површини со ориз и оствареното производство на оризова арпа да не надминува над 5,5 тони по хектар, а родот да го предале на регистрирани откупувачи во периодот од 1 октомври до 25 декември годинава.
Финансиска поддршка од три денари по килограм ќе може да добијат и сите земјоделци кои произвеле и предале градинарски или овошни култури од овогодинешната реколта во преработувачките капацитети.
Барањата за финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат во подрачните едниници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најдоцна до денес. Во прилог на барањето треба да се достави потврда за откупените земјоделски производи издадена од страна на регистрираниот преработувачки капацитет.
До денеска е и рокот за поднесување барања за добивање финансиска поддршка за органските производители за преработка на органски производи вклучително за доработка и пакување самоникнати видови со органско потекло, за трговија или извоз на свежи и преработени органски производи и органски производи од домашно потекло, за стучна контрола и сертификација и за анализа на својствата на почва и производи.
Сите информации и потребни документи може да се најдат во Упатството за корисници кое може да се преземе од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk во делот „Директни плаќања 2018“, „Упатства за корисници“.