Груевски не му побегна на МВР. Тоа е фактичката состојба. Јас не говорам за префрлување на топка, туку во овој случај да видиме каде ни е поразен тој систем, за да може понатаму преку законски механизми да не ни се случуваат вакви настани, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вечерашното гостување во емисијата „Лица“ на 1ТВ.
– Има многу прашања кои можам јас лично да ги поставам, но сакам да заврши до крај истрагата и јавното обвинителство да излезе и да каже зошто тоа се случи – додаде Спасовски.
Тој вели дека, тој и неговото семејство, но и соработниците постојано добивале закани по животот.
– Секојдневно добивам закани по живот, но и закани за моето семејство и моите соработници. Ние поминавме тежок период, не само како семејство и како структура која влезе во МВР во период кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тука работевме сите заедно. Сите закани кои ни беа упатени, ни беа поголем мотив да истраеме во нашата битка – вели Спасовски.