Кебапче, геврече и парампарче!

Има ли некој во државава што може да ни каже колку долго ќе трае оваа македонска судска трагикомична серија или лакрдија?

1427

Знам дека не ни е баш мило што правдата кај нас доаѓа како споровозна пратка и тоа за „големи“ дела. За крупни криминали. За загрозување на виталните интереси на државата. За безбедноста на граѓаните. За коруптивни махинации. А ако некој посегне по кебапче, тука нема пардон. Нема компромиси со злосторници. Следува брза услуга. Ќе профункционира целокупниот полициско судски механизам. На „големиот злосторник“ од нашето маало, судската казана експресно му се сервира. Уште додека чади. Со брза пошта.

Да бидеме искрени, турските серии, и покрај тоа што изобилуваат со симпатични анами, прераснуваат во здодевност кога преку ТВ-екраните, секоја вечер на штикли или по папучи ни се мотаат по дневните соби. А замислете ја тортурата, без разлика на тоа колку и да е атрактивен ликот на еден Никола Гревски, на во сите ТВ-термини, од утро до мрак, катадневно, да ти го поттураат под нос. Како се симнува од автомобилот, сам или во безбедносен кордон, како потскокнувајќи ги совладува скалите на судската палата. Па уште десет камери го ловат додека си купува геврече и јогуртче, за да ја засити неговата изгладнетост и испостеност од недостаток на калории од здрава храна.

Каква утеха, ај да не ја прејудицираме вината, да не скокаме пред рака, ама така беше речено, човекот телефонски си порачувал милиони евра од аванти, а ние до солзи го жалиме дека утринското мени му спаднало на улично геврече.

Замислете каков ќе му беше алот и крајот на собранискиот спикер Талат Џафери, кога Груевски му истрча на подиумот како на боксерски ринг, ако место едно геврече, некогашниот боксер и премиер, си купеше две. Ќе беше прогласена еднодневна жалост, и Талата веќе ќе го имавме, не дај боже, веќе заборавено.

За да има правда, мора да го пронајдеме „големиот Ал Капоне“ од нашето маало, барем на оваа „судска жртва“ позната како Никола Груевски, да ѝ понуди барем едно од украдените кебапчиња. Или онаа баба, која на тротоар се дрзна да продава марула и свежо кромидче. Витаминска инјекција. Настрана тоа што некои велат човекот од поодамна веќе се имал префрлено на специјалитетите од кинеската кујна. Во секој случај, ние сме чудна сорта народ. Дури и за апашите испуштаме тешки воздишки од чисто сочувствие. И покрај сѐ, не нѐ напуштило чувството за милост и хуманост. Традиционална карактерна црта, според која не е правда – некој кебапче, друг геврече. Сме се декларирале – живот за сите.

Туку, има ли некој во државава што може да ни каже колку долго ќе трае оваа македонска судска трагикомична серија или лакрдија? На криминалците и злосторниците од разноразни калибари ни влакно не им недостасува од главите, а ние од напрегнати исчекувања се престоривме во турската ,,парампарче”. Лекарите ни се испотепаа од пишување лекарски уверенија за да нѐ разубедат дека тие типови се здравствено хендикепирани, за да можат да ја издржат судската ,,тортура”, а ние сме запнале за некаков судски епилог.

Дека тие блудни чеда се навистина здравствено хендикепирани, нема сомнежи, ама до кога ние ќе бидеме третирани како недугави?!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...