„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за нea. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот“.
Владислав Ковачев
Ова се мислите на полковник Ковачев кои беа цитирани од лидерот на ДПМНЕ г-дин Мицкоски.
Навистина емоционално, искрено и со силна патриотска порака. Но дали пак Мицковски манипулира? Кој всушност е полковник Ковачев и може ли ДПМНЕ да се повика на неговото дело?
„Оној што не го познава минатото, прави грешна проценка и манипулира во сегашноста и има искривена претстава за иднината.“
Како човек кој со младешки жар „копал” низ софиските архиви трошејќи го за административни такси и така скромниот студентски буџет, се збунив од изјавата на лидерот на единствената партија во нашата земја, која искрено застана против договорот со Бугарија и Грција со кое дефакто се обиде да го блокира интегративниот процес на Македонија кон ЕУ и НАТО. Сите знаеме дека без реализирање на тие договори, нашите НАТО и ЕУ аспирации ќе останат флоскула, удобна мастика за џвакање на секој квази патриот.
Но, да се навратам на Ковачев. Роден е 1875 година во Скопје. Убиен е од Мирче Кикиритков 1924 година во Софија. На судењето Кикиритков вели:
„Ако знаев дека Тодор е мртов ќе ги убиев и неговите 2 ќерки”.
Кикиритков ја чека својата цел неколку часа и го препознава откако двете ќерки извикуваат по полковникот: „тато, тато“. Настанот се случива пред куќата во која живее Ковачев, спроти Романската црква на 50-тина метри од Македонскиот дом на улица Пиротска во Софија.
Семејство на Славчо Ковачев потекнува од Штип. Неговиот татко Михаил Ковачев е штипски војвода и учествува во Илинденското востание. Славчо (Владислав) неговиот син никогаш не бил штипски војвода, но тоа не му попречи на Мицкоски да го објави за таков.
Има двајца браќа, Антон Ковачев, кој е офицер како него во бугарската армија и неговиот брат близнак Владимир, кој исто е активен во револуционерната организација.
Чичкото на Владислав е прочуениот педагог и градоначалник на Софија, Јосив Ковачев. Ние како штипјани сме горди на тој неверојатен интелект и научник кој е во основата на модерното македонско, бугарско, но и светско образование, преку својот иновациски приод одразен во учебното помагало наречено Букварот на Ковачев. Букварот на Јосив Ковачев се печати во три изданија во Русе и Пловдив во Бугарија и град Велес во Македонија.
Владислав израснал во Софија, кадешто завршил основно училиште, класична гимназија, дипломирал во Воената школа во Софија и влегол во редовната служба на Бугарската армија. Служел во дваесет и вториот пешадиски тракиски полк и во баталјонот на Софиската тврдина. Во 1895 година учествувал во акција на македонскиот комитет во Мелничко. Тој е еден од основачите на штипското добротворно братство во Софија. Влегува во тајните офицерски братства и од 1899 до 1901 година е секретар на Врховниот комитет и уредник на весникот „Реформи”
Ковачев е еден од најблиските (некои војводи и комити во своите спомени го опишуваат и како десна рака на претседателот на Врховниот комитет) Борис Сарафов. Сарафов е воедно и човекот кој ги обединиува ВМК со ВМОРО и става крај на братоубиствените битки. Борис Сарафов е војводата кој ги снабдува Ѓемиџиите со динамит и Началник на штабот на Илинденското востание.
Освен како револуционер Ковачев е и врвен интелектуалец. Во 1911 година станува доктор на правни науки во Брисел, Белгија.
Ова е едно од неговите капитални дела во правната наука:
Се чудам каде се препозна ДПМНЕ, човекот завршил во Софија и Брисел не во Москва. Но, можеби се препознале во неговото дело „Корупција, шпекулации и општествен морал“?!
Славчо Ковачев е еден од основачите на Македонска федеративна организација во 1921 година која е обид за расцепување на ВМРО водено од Тодор Александров.
Во 1924 година кога е убиен Александров, Ковачев се смета од македонската емиграција како и од Организација како човек кој учествувал во заговорот против вождот и поради тоа е ликвидиран од Кикиритков.
Каде овде се препозна ДПМНЕ? Можеби во деструктивниот и разорен момент во општеството, кадешто тие ја играат главната улога на раздорот?
За да не должам многу би му посочил на г-дин Мицкоски или на оној кој што му ги пишува говорите дека архивата на Владислав Ковачев која содржи над 5.000 документи ја има во Бугарскиот историски архив во Народната библиотека Св. Кирил и Методиј, која се наоѓа на 10 метри од софискиот универзитет во која сум поминал часови наред во прашина и документи, копајќи по вистината за Организацијата и македонското ослободително движење.