Пациентите со шизофренија наместо да голтаат апчиња секој ден, ќе добијат инјекција еднаш месечно

Замислете пациент кој наместо секој ден да голта апчиња, со 4 инјекции годишно да биде покриен со оваа најнова терапија, која ќе ја побараме веднаш штом стаса и биде регистрирана и кај нас во Македонија. Сега ќе го набавиме антипсихотикот со истиот состав кој еднаш месечно ќе го примаат овие пациенти - вели д-р Бајрактаров

967

На пациентите на Клиниката за психијатрија кои боледуваат од хронични психотични растројства, како шизофренија, в година ќе им биде достапна посовремена терапија со условниот буџет што денеска им го одобрил Фондот за здравствено осигурување. Па овие пациенти, наместо секој ден да пијат таблети, ќе може еднаш месечно да ја примаат оваа понова терапија и кај нас, додека во светот веќе се користи 3 месечна доза од истиот лек, која како депо постепено се ослободува во организмот.

– Има многу придобивки оваа посовремената терапија со која ги враќаме во живот овие пациенти, кои со досегашните лекови не можеа добро да функционираат во секојдневието, беа безмалку како роботи. Лекот што го имаме и се користи за пациентите е „рисполепт конста“ (рисперидоне), а тој што го чекаме е вика „ксеплион“ (палиперидон палмеат). Тоа се депо (ампуларни) препарати за лица со хронични психотични растројства. Првиот се дава на две, вториот на четири недели. Еве само што ми јавија дека е одобрен буџетот од Фондот за набавка на неопхпдните лекови за психотични растројства што ги побаравме, Сега треба тендер да распишеме, за сите постапки ќе треба да помине околу 1,5 месец, па некаде од крајот на февруари очекуваме новите лекови да им бидат на располагање на нашите пациенти – вели д-р Стојан Баjрактаров, в.д. директор на Клиниката за психијатрија во Скопје.

Околу 1 отсто од населението во земјата страда од овие нарушувања, а тоа се 20.000 пациенти. Досега оваа терапија чинела околу 20.000 денари месечно, а Фондот им враќал пари на осигурениците за еден од лековите.

– Поентата е што новите форми на овој лек (палиперидон палмеат) немаат нус-појави како постарите таблетарни форми, бидејќи ослободувањето на активната супстанца е различно. Замислете пациент кој наместо секој ден да голта апчиња, со 4 инјекции годишно да биде покриен со оваа најнова терапија, која ќе ја побараме веднаш штом стаса и биде регистрирана и кај нас во Македонија. Сега ќе го набавиме антипсихотикот со истиот состав кој еднаш месечно ќе го примаат овие пациенти, а приоритетен ќе биде за помладите луѓе кои буквално ги враќаме во секојдневието и на работа и дома, за разлика од досегашната терапија со која тие не можеа да функционираат. Важно е што со поновите лекови овие болни ќе немаат потреба од старател, долготрајни хоспитализации и ќе им бидат значително поголеми шансите за рехабилитација. Со тоа, ако лековите се поскапи, ние имаме намалување и на индиректните и директните трошоци на болеста. Лекот секако не е волшебно стапче, но важно е кај пациентите да се подобри функционалноста и да се намалат нус-појавите – додава д-р Баjрактаров.

Кај еден од четири до пет возрасни лица во развиените земји секоја година се дијагностицира ментално растројство. Еден од 24 возрасни лица има сериозна ментална болест, а еден од 12 има растројство за кое треба да прима терапија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...